Само цврсто сплотени околу нашите државни интереси, почитувајќи го уставниот и правниот поредок може да го изодиме патот до европското и евроатлатското семејство. Немаме дилеми дека местото на Република Македонија е во ЕУ и НАТО. Но, таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди, рече претседателот Иванов во денешното обраќање до нацијата.
Само така, рече Иванов, ќе можеме да се справиме со, како што рече, двата големи предизвика.
-Првиот предизвик се сериозни и темелни реформи во сите сегменти, бидејќи без вистински судски реформи, без правда и владеење на правото, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО. Вториот предизвик е одново да го изградиме нашиот национален консензус за да можеме со еден глас и сплотени да настапуваме во бранењето на нашите државни интереси и остварувањето на нашите стратешки цели, рече претседателот Иванов.
-Како Претседател на Република Македонија, сакам да ве потсетам дека речиси во сите одлучувачки моменти од историјата на Македонија, народот носел мудра одлука. Наше е да ја почитуваме таа одлука. Ова треба да биде поука за сите политички партии да внимаваат што и кому ветуваат. А како граѓанин, пак, очекувам од владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум. Сите во животот се соочуваме со порази. Некој повеќе, некој помалку. Големината на човекот е да го препознае и признае поразот. Вчера, Република Македонија остана непоразена. Да живее Република Македонија, рече претседателот Иванов во попладневното обраќање до нацијата.