Економија 23.05.2018 10:06

Проклетството на еврозоната – дали Италија е следна за излез?

Проклетството на еврозоната – дали Италија е следна за излез?

Еврото е како зграда без излез, рече лидерот на британските конзервативци Вилијам Хејг, а искуството на Италија во изминативе 20 години и го покажува тоа.

Италија се приклучи на евро-семејството кон крајот на 90-тите и беше една од првите потписнички кои очајнички сакаа да бидат во првиот бран на монетарната унија.

Меѓутоа, никогаш не дојде до реално соогледување на фактите, дали земја како Италија всушност би можела да се носи со ригорозното членство во една монетарна унија?

Кога сфатија дека Италија не може да исполни одредени критериуми, правилата се заобиколуваа, а резултатот не беше сјаен – изгубија две децении во кои животниот стандард стагнира.

Со доаѓањето на новиот премиер на коалиционата влада се отвораат многу прашања за останувањето на Италија во еврозоната.

Колку долго ќе трае владата, дали Италија ќе остане во еврозоната, како ќе реагираат финансиските берзи… се само дел од прашањата што се поставуваат откако коалиционата влада после 10 дена преговори на претседателот на Италија му го претстави Џузепе Конте како заеднички кандидат за премиер на коалицијата.

Главното прашање – дали Италија ќе излезе од еврозоната?

Две партии жестоко го критикуваа еврото и дури и го ставија „црно на бело“ во својата заедничка програма излегувањето од еврозоната. Меѓутоа, не се сложуваат за еднострано излегување, одноно ситуација во која би излегла само Италија.

Едната партија смета дека еврото е „погрешен економски и социјален тест“ и се залага за серија реформи и координиран излез од монетарната унија заедно со други земји.

Иако не криеја дека не го сакаат еврото, нивниот план за воспоставување процедура за повеќе земји да ја напуштат еврозоната делумно пропадна.

Не е тешко да се види зошто. Ако финансиските берзи сметаа дека популистичката влада е сериозна за напуштање на единствената валута, обврзниците на италијанската влада ќе станеа ризични.

Европската централна банка би можела да помогне во купувањето италијански обврзници, но би имала мал поттикм да ѝ помогне на владата во Рим која има намера за или го поттикнува уништувањето на монетарната унија.

Новата влада би ја зафатила финансиска криза со рушење на бурниот италијански банкарски систем, длабока рецесија и зголемување на невработеноста и популистите за кратко време ќе станат непопуларни.

Новата италијанска влада е во иста позиција како и другите влади што земјата ги имаше во изминативе две децении – членството во единствената валута е проклетство, но обидот да е замине е уште полоша опција.

Меѓутоа, дури и ако Италија се воздржи од монетарна независност, новата влада и понатаму има планови за даноци и трошоци што претставуваат предизвик за начинот на кој еврозоната функционираше досега.

Проценките покажуваат дека овие мерки ќе чинат околу 60 милијарди евра годишно, околу 3,5% од годишниот БДП на Италија, што подразбира строги ограничувања на големината на дозволениот буџетски дефицит.