Производители на сливи од Радовиш незадоволни од ниските откупни цени денес го блокираа патот Радовиш-Струмица. Велат дека целосно е запрен откупот на сливите на откупните пунктови во селата.
-Ниту еден откупен пункт не работи. Решението го гледаме во ресорното Министерство да преземе мерки за да се интензивира откупот во наредниот период, односно да се реализира вчера договореното со претставник на Министерството за земјоделство, а тоа е дел од сливите да одат за откуп и дел за индустриска преработка, истакна Наце Димитриев, производител на сливи.
Додаде дека годинава сливите се откупуваат по 8 денари, а лани се откупувале и за 20 денари по килограм.
Вчера во Радовиш се одржала работна средба меѓу производители на сливи и претставник на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од страна на Министерството било истакнато дека ќе интервенираат во откупот на сливите како за доматите и бостанот.