Шеесетина вработени од „Фени“ претпладнево дојдоа пред судот во Велес за да дадат поддршка на планот за реорганизација на фабриката за кој треба да гласа изборното Собрание на доверители точно на пладне. Вработените се против барањето на бугарски „Минстрој холдинг“ за запирање на стечајот за „Фени“, Вршителот на должност претседател на синдикатот на „Фени“, Душко Николов вели дека комбинатот работи, а тие зимаат редовни плати.
„Во моментов просечната плата во „Фени“ е 27 илјади денари, а ние се залагаме таа да достигне до 33 илјади каков во најдобрите времиња на фабриката. Тоа што го предлага „Миндстрој холдинг“ за нас значи ликвидација на фабриката, која повторно ќе не остави без работа“, вели Николов.
На пеколно сонце вработените мирно протестираат пред судот и најавуваат дека ќе останат тука се до завршување на Собранието на доверители. Во судот веќе влезе стечајниот управник Мирослав Анастасиевски, сопственикот на „ГСОЛ“, Марко Комхис, кој сега стопанисува со „Фени“, како и голем број претставници од сегашниот раководен тим во фабриката. Во судот влезе и претставникот на „Кунико ресорсис“.