Мозаик 01.03.2019 13:52

Реформа на УБК: АНБ со директор именуван од премиерот ќе расчистува со тајната полиција

Реформа на УБК: АНБ со директор именуван од премиерот ќе расчистува со тајната полиција

Реформираната Управа за безбедност и контраразузнавање, која согласно предложеното законско решение ќе се нарекува Агенција за национална безбедност, треба да профункционира од 1 јуни, како владина агенција, со директор именуван од Владата, на предлог на премиерот, а нејзините вработени нема да имаат полициски овластувања.

Нејзиното формирање е дел од поширокиот процес на реформирање на безбедно-разузнавачките служби, што е еден од приоритетните реформски процеси на патот на европската интеграција. На 1 ноември минатата година беше формирана ОТА, која е медијатор во процесот на следење на комуникациите и има техничка улога, односно ја вклучува мерката и го пренасочува сигналот кон корисникот на мерката, но нема пристап до содржината што се следи.

Со новата Агенција се продолжува реформскиот процес во оваа сфера – УБК се вади надвор од МВР, со што се става крај на тајната полиција во земјава, се врши деконцетрација на моќта во оваа сфера, посочија денеска на брифинг во МВР.

Целта е создавање на ефикасна, деполитизирана, департизирана Агенција во функција на заштита на државата, нејзините национални интереси и нејзините граѓани.  Со реформите се прават обиди да се  регулира работењето на внатрешното разузнавање, но исто така и да не се пререгулира.

„Тенка е таа линија“, велат во МВР, затоа што тие треба да ја гарантираат безбедносна на државата пред се во борбата против тероризмот.

Три полиња се во фокусот на работата на оваа Агенција-  контраразнуавање, контратероризмот и заштита на уставното уредување и повисоките форми на организиран криминал, пред се корупцијата на носителите на јавни функции и пролиферацијата.

Агенцијата работи во делот на превенцијата, а не во делот на репресијата, ќе има строго движење на информациите, тие немаат доказна вредност, претставуваат само индикации, а сето она што се собира потоа се отстапува на правосудната полиција. Таа делото понатаму го доставува до обвинителствата и судовите. Легитимитетот АБН го црпи во Јавното обвинителство и Врховниот суд, тоа се институциите со кои комунцира.

Засега не се знае каде ќе биде сместена новата Агенција, но со сигурност таа нема да биде во МВР. Се разгледуваат повеќе опции за локацијата, каде би била сместена.

Директорот на Агенцијата го именува и разрешува Владата, на предлог на премиерот со мандат од пет години со право на уште резибор. Тој согласно новото законско решение треба да се именува во периодот од 20 мај до 1 јуни.

Најмалку 15 години работно искуство на раководни позиции во областа на националната безбедност, разузнавање и контраразузнавање, да е државјанин на Република Северна Македонија, да нема државјанство на друга држава, да има стекнато најмалку 300 кредити според ЕКТС,односно VII/1 степен на образование, да поседува меѓународно признат сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години (во законското решние се наведени сертификатите кои доаѓаат предвид), со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и да не е член на политичка партија ниту член на орган на политичка партија. Ова се критериумите кои треба да ги исполни личноста, која ќе биде директорот на Агенцијата.

Како што информираа на брифингот во МВР, во новата Агенција ќе има трансфер на вработени од УБК, но сепак тие треба да поминат филтрите за да се утврди нивната компетентност за вршење на работните задачи.

Ќе се формира Комисија за селекација, која ќе создаде профил на работни места, профил на вработен, а потоа се оди на селекција, која не може да биде финална додека не се поминат сите филтри пред се на НАТО, кој си има одредени барања, што мора да се исполнат за едно лице да биде вработено во ваква структура.

Агенцијата согласно членот 15 од предложениот закон има повеќе методи, средства и мерки, кои ги користи во својата работа, меѓу нив е и тајно собирање податоци и информации.

Тајното собирање со податоци и информации го прави со следење на комуникации и собирање мета податоци, согласно посебен закон, следење и снимање на меѓународен телекомуникациски сообраќај,  следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации со посебни технички уреди и опрема, без посредство на ОТА и операторите, користење на тајни соработници, надзор над поштенски и други пратки,  користење лица со прикриен идентитет,  таен откуп на предмети и документи и прикриено набљудување.

Во однос на следењето каде не се вклучени операторите и ОТА од МВР појаснуваат употребата на тактичката опрема во следењето, може да се прави врз основа на наредба на јавен обвинител кога се работи за кривични дела, а кога станува збор за заштита на уставниот поредок дел од таа опрема може да се користи и по наредба на директорот, кој е должен претходно за тоа да го извести јавниот обвинител, кој пак, доколку одлучи дека тоа не е оправдано може да ја прекине операцијата.

Безбедносна на државата не трпи секогаш бирократија, велат од МВР, одговарајќи на прашањето како би се спречиле случаи доколку директорот на пример во ваков случај ја злоупотреби оваа надлежност и додаваат дека тука јавниот обвинител е уште еден контролен механизам.

Тактичката опрема е строго фокусирана, за разлика од опремата што ја користи ОТА, во моментов таква опрема нема, а доколку се одобрат средства ќе биде набавена, велат од МВР.

Неколку нивоа на контрола ќе има работењето на новата Агенција – Собранието, Народниот правобранител, Јавниот обвинител, Советот за граѓанска контрола, Државниот завод за ревизија, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Секој граѓанин ќе има право да ги побара собраните информации и тековните истраги, кои се водат против него, а властите ќе мора да ги обезбедат, без при тоа да се открие изворот. Исто така базата на податоци треба да биде избришана во моментот кога повеќе не е потребно за тековни истраги или за судски случаи. Останувањето на таква база податоци, велат од МВР, креира повторно можност за злоупотреба и за притисок.

Предвиена е и посебна организациска единица за внатрешна контрола, чиј раководител ќе биде назначен од директорот, но по претходна консултација со Собранието, односно со собраниската комисија која е надлежна за надзор на работата Агенцијата, со цел да се обезбеди тоа да биде квалификувана личност со кредибилитет.

Законот за Агенцијата за внатрешно разузнавање и Законот за координација на безбедносно разузнавачката заедница се двата правни акта со кои се спроведува оваа реформа. Тие поминаа на владина седница, доставени се до Собранието и се очекува дека ќе бидат донесени до 1 април, за кога Парламентот најави прекин на активностите, поради престојните претседателски избори. Законите имаат поддршка од опозицијата, која учествувала во нивното изготвување и во работата група, која е надлежна за реформите во безбедносно-разузнавачкиот систем.