Економија 10.07.2018 12:58

Родот уништен, за земјоделците сезоната не може да се спаси

Родот уништен, за земјоделците сезоната не може да се спаси
Земјоделците останаа со празни џебови годинава. Слабиот откуп и климатските промени ги оставија доматите, краставиците, пиперките, бостанот, тутунот и житото да скапуваат на нивите.
По најновото невреме струмичкиот и битолскиот регион повторно останаа најпогодени кога станува збор за земјоделските култури. Посевите на отворено настрадаа од градот, а од силниот ветар се уништени и дел од пластениците. Екипи на општинските проценители веќе излегоа на терен и за некој ден ќе се знае точно колкави се штетите, но земјоделците не го кријат разочарувањето. Оваа сезона за нив е завршена. Убедени се дека ќе останат со празни раце.
Велат единствено обесштетувањето од државата ќе значи каква-таква помош, за да можат финансиски да ја истуркаат годината.
Поради временските неприлики, раноградинарското производство е намалено и до 40% – уверуваат земјоделците. И покрај тоа што државата субвенционира 60% од полисите за осигурување, ниту две илјади земјоделци годишно не ја искористиле оваа можност. За да имаат што помали штети поради честите елементарни непогоди бараат модернизација на системите за наводнување, повторна употреба на градобијните ракети и помош во справувањето со разните болести кои ги напаѓаат растенијата по секое невреме. Ако тоа не се направи, велат или ќе треба допрва да почнат да одгледуваат поиздржливи култури, или пак целосно да се откажат од производство. Тоа ќе значи огромна штета врз производството на храна во земјава.
Само лани, од буџетот биле потрошени околу 4 и пол милиони евра за исплата на штети предизвикани од невреме. Посевите на речиси 18 илјади земјоделци биле целосно уништени.
Извор: Алфа

Најнови вести