Живот 27.04.2018 13:23

РСБСП: Каде не смее да се паркира?

РСБСП: Каде не смее да се паркира?

 

Проблемот со паркирани возила онаму каде што тоа не е дозволено е дел од маките со кои секојдневно се соочуваат сите учесници во сообраќајот, но и проблем кој го создаваат самите учесници во сообраќајот.

Блокирани тротоари, приоди, патеки… оневозможено безбедно движење на пешаците и на велосипедистите, на лицата во инвалидски колички, на лицата со оштетен вид, на мајките со деца – е секојдневна слика.

Токму затоа, РСБСП со потсетување до возачите за најважните одредби од ЗБСП,  односно со потсетување каде и на кои места е строго забрането возачот да го запре или да го паркира возилото:

  1. На обележан пешачки премин, на премин на велосипедска патека преку коловозот и на оддалеченост помала од десет метри од тие премини.
  2. На велосипедска патека, односно лента.
  3. На крстосница и на оддалеченост помала од десет метри од најблискиот раб на напречниот коловоз т.е на оддалеченост помала од 10 метри од почетокот на крстосницата.
  4. На тротоар, односно пешачка патека, ако тоа не е изречно регулирано со сообраќаен знак. Ако е дозволено паркирање, односно запирање, задолжително треба да се остави најмалку 1,6 метри ширина на површината за движење на пешаци, со тоа што таа површина не може да биде покрај работ на коловозот.
  5. На места предвидени за движење и паркирање на лица со посебни потреби и на паркинг место кое со дополнителна табла, сообраќаен знак или ознака на коловозот е обележано како место за паркирање на возила за лица со посебни потреби.
  6. На место на кое возилото би го засолнувало (покривало) поставениот сообраќаен знак или уредот за давање светлосни сообраќајни знаци.
  7. На дел од коловозот, кој како стојалиште за возила на јавниот сообраќај е обележан со ознаки на коловозот и на оддалеченост помала од 15 метри пред и зад знакот со кој е обележано стојалиште за возилата за јавен сообраќај.
  8. На место каде паркираното возило би го оневозможило пристапот на друго возило, заради паркирање или излегување на веќе паркирано возило.
  9. На плоштад, пешачка зона, противпожарен пат, пред влез во објект, двор или гаража, на хортикултурно уредени зелени површини, градски зеленила и паркови.
  10. Над приклучок на водоводната мрежа или влез во канализација или друга мрежа на комуналните претпријатија.
  11. На премин на патот преку железничка или трамвајска пруга во исто ниво и на дел од јавен пат на оддалеченост помала од 15 метри од премините преку железничка или трамвајска пруга во исто ниво.
  12. На железнички или трамвајски пруги и во близината на тие пруги, ако со тоа се спречува сообраќајот на возилата што се движат по шини.
  13. На мостови, во подвозници, на надвозници како и на растојание помало од петнаесет метри од мостови, тунели, подвозници и надвозници.
  14. На дел од јавен пат во близина на врв од преслап и во кривина, каде што прегледноста на патот е недоволна и каде што обиколување на возилото не би можело да се изврши без опасност.
  15. На дел од јавен пат, каде ширината на слободниот премин од запреното или паркираното возило до полната надолжна линија на коловозот или до некоја пречка на патот би била помала од три метри, односно до спротивниот раб на коловозот би била помала од четири метри.