Актуелно 12.08.2018 11:10

Русија најави дека планира да воведе забрана за привремен увоз на некои коскести плодови од Македонија

Русија најави дека планира да воведе забрана за привремен увоз на некои коскести плодови од Македонија

Од Русија поради поради заразеност од инсекти од друг вид имаат вратено три пратки, додека поради заразеност со монилија имаат вратено пратки со праска, информираат денеска од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Портпаролката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Соња Трпчевска-Јанковска, на денешната прес-конференција, во однос на најавената забрана од Русија за увоз на коскесто овошје, рече дека се работи за времена мерка за ограничување, која се однесува на Македонија и Србија.

„Државниот инспекторат за земјоделство и фитосанитарната управа имаат испратено писмо до руската федерална служба на ветеринарен и фитосанитарен надзор во кое се бара во најкус можен рок да се отстранат сите непријатности и да продолжи соработката. Очекуваме одговор во најбрз можен рок“, изјави Трпчевска-Јанковска.

Посочи дека секторот на инспекциски надзор од областа на фитосанитарната политика врши засилен мониторинг на насадите со коскесто овошје, со цел утврдување на распространетост на габата монилија на теритоија на Република Македонија и преземање мерки за нејзино сузбивање.

„Овие активности се во насока на утврдување на слободни зони од овој штетен организам, со што би се избегнало утврдување на присуство во пратките наменети за извоз. Во тек е и наредба до сите фитосанитарни инспектори на територија на Македонија на местото на производство, на откупните пунктови, дистрибутивните центри и ладилниците и во случај на најмал сомнеж за исправноста задолжително да земат мостра за анализа пред издавање на фитосанитарни сертификати“, изјави Трпчевска-Јанковска.

Русија вчера најави дека од 15 август планира да воведе забрана за привремен увоз на некои коскести плодови од Србија и Македонија поради загриженоста за безбедноста.

Рускиот регулатор за безбедност на храна, вчера соопшти дека во српските праски и кајсии увезени од 13 јули била откриена габичката „Monilinia fructicola“. Според рускиот регулатор, истата габичка била пронајдена и во плодови од Македонија.

Од амбасадата на Русија, вчера информираа дека за оваа сезона од Македонија во Русија биле извезени три милиони килограми праски, а вратени поради сомнеж дека се заразени биле 120.000 килограми. Исто така, посочуваат дека сезоната за ова овошје е при крај и дека не биле предвидени други испораки.