Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков ги обвини сириските бунтовници дека подготвуваат хемиски напад, за кој Москва тврди дека ќе биде искористен за да се оправда напад на Западот врз сириските војници.
Рјабков тврди дека терористичката група Комитет за ослободување на Левант, која е поврзана со Ал Каеда, подготвува напад во покраината Идлиб кој, како што кажа, ќе го режираат таканаречените Бели шлемови, кои Русија ги обвинува за фабрикување на претходни напади.
И портпаролот на руското Министерство за одбрана генерал Игор Конашенков неодамна предупреди на можноста странски специјалци да инсценираат напад со хемиско оружје во Сирија.
– Според информации кои рускиот Центар за помирување во Сирија денеска ги прими од жителите на Идлиб, странски експерти, (кои зборуваат англиски јазик) допатувале во населбата Хбит во јужниот дел на зоната за деескалација во Идлиб за да инсценираат хемиски напад користејќи ракети со хлорин, изјави тој.
Конашенков ги обвини заинтересираните сили надвор од регионот дека повторно подготвуваат големи провокации во Сирија за да ја дестабилизираат ситуацијата и да ја попречат „цврстата динамика“ на мировниот процес кој е во тек.
Министерството за надворешни работи на Русија претходно апелираше до светските сили да престанат да го користат прашањето за хемиското оружје за да вршат притисок врз Дамаск и неговите сојузници.
САД, Британија и Франција во заедничко соопштение по повод пет години од нападот со гас во Источна Гута во Сирија ги повикаа приврзаниците на претседателот Башар ел Асад да го искористат своето влијание и да ја прекинат неконтролираната употреба на хемиско оружје во светот.
Западните земји и независните аналитичари тврдат дека силите на сириската Влада извршиле неколку напади со хемиско оружје за време на седумгодишната граѓанска војна. По наводните хемиски напади во 2017 и 2018 година, САД извршија напади врз сириските сили.