Во Државниот архив се чува ексклузивна студија за корекции во датирањето на старите ракописни книги
Сензационалното откритие на проф. Мошин во осумдесеттите години на минатиот век, предизвика голем интерес во странските славистички кругови, особено во Русија, па тој беше поканет од руските слависти да одржи серија предавања за ова свое откритие пред повеќе руски научни институции. Академик Мошин, и покрај возраста, во тоа време имал приближно деведесет години, заминал за Русија одржувајќи предавања во Славистичкиот институт во Москва, во библиотеката „Салтиков-Шчедрин“ и во Институтот за руска литература при Академијата на науките во Ленинград, но и во други институции. Притоа, според проф. Ѓорги Поп-Атанасов, сознанието дека Новгороските листови се постари за околу 65 години од најстариот датиран руски ракопис, Остромировото евенгелие – како и откривањето на повеќе епиграфски споменици од 9 и 10 век – му дадоа на проф. Мошин основа да размислува за корекција на палеографско-ортографските критериуми при датирањето на најстарите јужнословенски ракописи.
Во Државниот архив на Македонија се чува негова обемна студија од околу 100 машинописни страници од кои досега се објавени само мали, незначителни делови. Во таа студија проф. Мошин аргументирано докажува дека најстарите јужнословенски ракописи фактички не настанале во 11 век, како што традиционално се сметаше во палеославистиката, туку во разни временски сегменти на десеттиот век. Станува збор за следниве десет најстари јужнословенски ракописи: Новгороските листови, Савината книга, Супрасалскиот зборник, Хилендарските листови, Листовите на Ундолски, Енинскиот апостол, Слуцкиот псалтир, Ресенскиот палимпсест, Зографските листови и Македонскиот кирилски лист. Овие ракописи, според Мошин, спаѓаат во таканаречениот „архаичен период на јужнословенската писменост“, а за нив тој зборува на повеќе меѓународни симпозиуми. Притоа, значајно е тоа што речиси сите најстари јужнословенски ракописи фактички се од македонско потекло. Според академик Мошин, само Савината книга и Енинскиот апостол може да се определат како ’јужнословенски ракописи од бугарско потекло‘, додека Супрасалскиот ракопис „очигледно минал низ Симеоновата преславска редакција на богослужбени книги, но од друга страна во правописот има јасни македонски особености, кои покажуваат дека сегашниот ракопис всушност е препис со Симеонова редакција, но на македонски терен“.
Самуиловите ракописни книги од Охрид во Русија стигнале во 991 година
Според истражувањето на академик Владимир Мошин, објавено во белградското списание „Археографски прилози“ во 1983 година, Новгороските листови, кои, всушност, се фрагменти од евангелски читања од шестата и седмата (страсна) седмица на Големите пости, во средината на 19 век му припаѓале на рускиот археолог Ј.K.Kипријанов од кого во 1865 година ги откупила Руската публична библиотека во Санкт Петербург. По името на сопственикот листовите биле наречени Kупријанови листови. Сепак, според каталогот на словенски пергаментни ракописи во библиотеката, овој споменик на културата се води под името Kупријанови или Новгороски листови. Станува збор за два листа (четири страници) со текст напишан во две колони со по дваесет реда. Во својата студија, во продолжение, меѓу другото, академик Мошин категорично тврди дека „истражувањата на епиграфската граѓа во Самуиловата Македонија доведоа до нови знаења за типот на епиграфско и деловно калиграфско писмо, кои без сомнение покажаа дека основите на руската писменост се втемелени врз влијанието на ракописите кои Русија во времето на светиот Владимир, за време на формирањето на својата христијанска црква, ги добила од Самуилова Македонија“. Во својата студија од 70-ина страници, академик Мошин, Русин, интелектуалец кој побегнал од својата татковина по Октомвриската револуција, детаљно ги анализира сите аспекти на листовите, докажувајќи врз основа на конкретни примери дека најстарата руска ракописна книга, Остромировото евангелие, всушност е препис од ракописните книги кои Самуил ги испратил во Русија за да се покрсти, односно христијанизира рускиот народ:
„Новгороските листови, како македонски ракопис со писмо и правопис од десетти век, се остаток од оригинален македонски царски евангелски кодекс, кој во врска со покрстувањето и воспоставувањето словенско богослужење во Русија, заедно со други македонски црковни ракописи, бил испратен во Русија и стигнал во Новгород, каде што подоцна, во 1056-57 година, ѓаконот Григориј и неговиот соработник го користеле како модел за изработка на Остромировото евангелие. Во меѓувреме, по испраќањето на ракописните книги од Охрид во 991, извршено е покрстување на рускиот кнез Владимир и народот, со што рускиот народ бил вклучен во семејството на христијански народи. Самиот Владимир бил покрстен во Kорсуњ од словенски епископи и свештеници, меѓу кои во руските летописи се спомнуваат свештеникот Атанас, кој подоцна станал ’протопоп‘ на најголемата Kиевска соборна црква, и Јоаким, кој во времето кога пристигнува Самуиловиот подарок од Охрид бил Новгороски епископ, па веројатно преку него бил воспоставен контакт со Самуил. Притоа, заканата на Владимир за поход на Цариград, предизвикале голема вознемиреност во престолнината на Византија, особено во врска со преговорите на Владимир со Самуил. За да се спречи зближување со Самуил, со специјална мисија кај него била испратена византиската принцезата Ана, заедно со великодостојници и презвитери, па, откако Владимир бил крстен од Kорсуњскиот епископ, бил извршен и обредот на венчавање, по што Владимир со Ана и свештениците се вратил во Kиев а Kорсуњ им го предал на Византијците. Се разбира сето тоа било направено за да се спречат преговорите со Самуил, особено во врска со организацијата на Руската митрополија со богослужење на словенски јазик.“
Според проф. Владимир Мошин, подарокот од царски ракописни книги од Охрид во Kиев ги донел првиот новгороски епископ, Јоаким. Во Kиев во тоа време постоела само мала христијанска општина и црква „Свети Илија“, каде што се развивала каква-таква „словенска писменост под влијание на бугарски и македонски мисионери од државата на Симеон Велики и цар Петар“. Во студијата се констатира дека Јоаким во Kиев донел „голем број калиграфски ракописи од Самуиловиот охридски подарок“, кои послужиле како „предлошка за создавање извонредна школа на руски калиграфи и илуминатори“ на чело со ѓакон Григориј и соработникот, творци на Остромировото евангелие, најстарата руска ракописна книга: „Токму Остромировото евангелие од една страна ја документира извонредната калиграфска вештина на руското уставно писмо, формирано врз основа на калиграфските македонски ракописи од последната четвртина на десеттиот век, а од друга страна ја потврдува и големата уметничка вештина во копирањето на јужно-словенската минијатура, како и извонредната слобода во инвенцијата, фантазијата и композицијата на иницијалите. А дека во основа на сето тоа е македонското писмо и македонскиот јазик, потврдил, меѓу другите, и М.Н. Сперански уште во 1929 година, констатирајќи дека ’основата на најстарата руска кирилска ракописна книга е настаната врз ракопис од македонското поднебје‘, односно ’има очигледни сличности со охридските текстови, Охридскиот апостол и Болоњскиот псалтир‘. Притоа, ѓакон Григориј и неговиот соработник, „свеснo и совесно работеле на пренесување на македонскиот текст во руска рецензија, почитувајќи ја старословенската традиција на јусови, од една страна, но однесувајќи се внимателно, од друга страна, и спрема тогашното руско чувствување на ’еровите‘ и другите фонетски појави, но со поинаков степен на граматичко чувство и преведувачка вештина, што се гледало во поголемата сличност на текстовите на ѓакон Григорие кон рецитирањето на текстот и во поголемата зависност на неговиот соработник кон правописот на оригиналот.“ Според Мошин, со духовното ’враќање‘ на Новгороските листови од Русија во Македонија, и поместувањето на нивното настанување од 11 во 10-ти век, неизбежно е да се ревидираат и глаголските и кирилските ракописи од најстари времиња: Асеменовото евангелие, Зографскиот, Маринскиот, Синајскиот псалтир и молитвеник, Супрасалскиот ракопис и Савината книга, како од аспект на хронологијата така и од аспект на прецизирање на јазичката, односно нивната дијалектна провиниенција. Според него, сето тоа ќе мора да се базира врз констатацијата дека Новогороските листови се остаток од македонско Самуилово евангелие, кое послужило како оригинален текст, како предлошка за Остромировото евангелие. Притоа, воопшто не треба да се става под сомнение фактот дека Русите биле покрстени со книги што им ги пратил цар Самуил!
Во Новгороските листови
Дел од текстот е пишуван со злато како во византиските царски ракописи
Новгороските ливчиња, кои денес се чуваат во Народната библиотека во Санкт Петербург, порано му припаѓале на археологот Ј.K. Kупријанов, па затоа се познати и како Kупријанови листови. Овие листови се пишувани со прекрасно, крупно уставно кирилско писмо, во две колони по 20 реда во секоја. Двата зачувани иницијали ’В‘ и ’Р‘ имаат траги од сина, зелена и бела боја и остатоци од злато. Kратките наслови со податоци за деновите кога се чита текстот се пишувани со злато како во најстарите византиски царски ракописи. Големите маргини го изделуваат овој македонски ракопис од другите стари ракописи а пергаментот е со најдобар квалитет. Сето тоа ја надополнува сликата за скап и раскошен ракопис. Според Владимир Мошин, станува збор за остаток од Самуиловото царско евангелие кое во 1056-57 година послужило како предлошка за руското Остромирово евангелие, односно за покрстување на Русите. Оваа своја теза проф. Мошин ја поткрепува и со фактот дека единствено во овие два словенски ракописи, во Самуиловото македонско евангелие и во руското Остромирово евангелие, препишано од него, текстот е проследен со екфонетски знаци кои служеле за експресивно читање на Светото писмо, прикажувајќи го колебањето на тоновите во развојот на мелодијата.