СДСМ пред избори ветуваше субвенции од 160 милиони евра годишно. СДСМ од позиција на власт ги намали субвенциите. Средствата одвоени од историски најголемиот Буџет во Република Македонија се само 136 милиони евра, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Александар Кирацовски.
Според партијата, картелот додека се бореше за гласовите на земјоделците ветуваше интервентен фонд од 6 милиони евра, но СДСМ заборави, како и секое друго ветување кон земјоделците. „Земјоделието се наоѓа во очајна состојба. Откупната цена, на земјоделските производи е ниска и под секоја производствена логика.
Производителите на зелка и ориз, на своја кожа ја почувствуваа „земјоделската политика на СДСМ“ . Ветуваа откупна цена на оризот по минимум 25 денари, а истата сега не е ни 15 денари“, велат од партијата.
„Смешно е кога картелот зборува за инфраструктурата. Повеќе од една година, од СДСМ нема ниту еден автентичен проект, а единствено нешто што прави власта е фалење со проектите кои ги започна владата на ВМРО-ДПМНЕ. Автопатот Демир Капија – Смоквица, беше целосно завршен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ една година го кочеше неговото пуштање во употреба, за на крај да можат да играа чочек во тунелот.Неосновано беше запрена изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, запрени беа и сите магистрални патишта почнати од ВМРО-ДПМНЕ. Доколку владата на СДСМ продолжеше со исто темпо на работа како што работеше ВМРО-ДПМНЕ, инфраструктурните проекти до сега ќе беа во завршна фаза. СДСМ за една година ни покажа дека не знае да работи. Една година СДСМ е една промашена година на економски и на секаков друг план. Една година СДСМ една година криминал и корупција. Граѓаните се жртва на криминогениот картел“, се вели во соопштението.