Актуелно 04.09.2018 21:09

СДСМ спроведува безмилосно отпуштање од работа на просветни работници низ училиштата во Гостивар

СДСМ спроведува безмилосно отпуштање од работа на просветни работници низ училиштата во Гостивар

Хаосот во кој секојдневно не втурнува владата на СДСМ,  доживува кулминација. Партиските послушници спроведуваат безмилосно отпуштање од работа на просветни работници низ училиштата во Гостивар, а на нивно место вработуваат членови на СДСМ и нивните коалициони партнери, обвинува Лоран Страшески од ВМРО-ДПМНЕ Гостивар.

-Кадрите кои ги отпуштаат се со неколкугодишно работно искуство, со соодветно образование и положени педагошки испити, а  и со висок рејтинг помеѓу учениците. За разлика од нив, новите сдсмовски кадри се без искуство, често несоодветни на работните позиции, а некои се  штотуку излезени од факултетските клупи. Партиските чистки всушност беа изјавени од Зоран Заев, кога велеше дека кога ќе дојде на власт ќе менува од хигиеничарка па нагоре, кое потоа во предизборната кампања го негираше, велејќи и ветувајќи живот за сите. Ова ли е животот што го најавувавте, господине Премиер? Ова ли е општеството  што ќе го градевте, а ќе биде еднакво за сите? Или кога ветувавте, мислевте само на Вашите послушници и истомисленици. Ова ли се најавуваните реформи во образованието? И наместо да се позанимавате со реконструкција на училишните објекти и со подобрување на условите за учење на нашите деца, Вие и Вашите локални претставници, се занимавате со дневна политика, вели тој.

Страшески порачува дека ова што СДСМ го прави, отпуштајќи професионални кадри, само го зголемува гневот меѓу популацијата, која за жал во последнава година од Гостивар масовно се исселува.

-За сите овие забелешки, како и за сите нерегуларности во образованието во Гостивар, очекуваме да се произнесе и Државниот просветен инспекторат, кој има задача да ги разгледа  и санкционира сите неправилности. ВМРО ДПМНЕ секогаш била и ќе остане за народот. Правдата мора да победи, а со тоа луѓето  да почнат да се чувствуваат заштитени во својата држава, бидејќи нашите деца заслужуваат квалитетно образование и среќна иднина во Република Македонија, истакна тој.