Со 54 проценти освоени гласови, Мило Ѓукановиќ освои нов претседателски мандат на Црна Гора. Неговиот противкандидат Младен Бојаниќ освоил 33,5 проценти од гласовите. Ова е втор претседателски мандат за Ѓукановиќ, а 6 мандати бил премиер.
Ѓукановиќ е речиси 30 години во владејачката структура на Црна Гора. Тој рече дека изборниот резултат е потврда за решеноста на Црна Гора да продолжи по патот на европскиот квалитет на живот и членство во ЕУ.
Во својот победнички говор тој најави дека нема да ги изневери очекувањата на граѓаните на Црна Гора.
„Ова е можност да им се заблагодарам на луѓето што ја поддржаа мојата кандидатура. Ова е можност да кажам дека го ценам ентузијазмот и лојалноста на граѓаните што ја поддржуваат оваа политика цело време“, рече Ѓукановиќ.
Ѓукановиќ им се заблагодари и на коалициските партнери, кои, рече тој, покажаа приврзаност кон ДПС, испраќајќи порака дека се непобедлива коалиција.
Наместо пораки до противкандидатите, Ѓукановиќ им се обрати на лидерите на опозицијата.
„Овој резултат е толку убедлив и надмоќен што ова е можност да го преиспитате она што се вашите истрајни политички ставови, дека не може ништо добро да се направи со негирање на достигнувањата до кои дојде Црна Гора“, рече Ѓукановиќ.