Актуелно 10.12.2018 20:07

Секој втор работоспособен во државата не сака да работи

Секој втор работоспособен во државата не сака да работи
Shot of a male coworker acting inappropriately in the workplace

Загрижувачки е трендот на пораст на бројот на неактивно население кај младите и особено кај оние во најпродуктивната возраст од 25 до 49 години, кај кои бројот на невработени кои не бараат работа од 153.435 во третиот квартал лани, во истиот период годинава се искачил на 160.315

Секој втор работоспособен човек во државата ниту работи, ниту пак бара работа. Оваа состојба која се провлекува повеќе од една деценија се потврдува и во последниот извештај на Државниот завод за статистика за активното население, според кој во третиот квартал од годинава имало 1.682.897 работоспособни лица, од кои активни се 958.770 лица, а неактивни се 724.127.

Стапката на неактивно население во третиот клвартал од оваа година е 56,9 проценти, и речиси е идентичка со онаа од пред 10 години, во 2008. кога беше само за нијанса пониска и изнесуваше 56,3 проценти.

Додека нашите власти не се ни обидуваат да најдат објаснување на оваа ситуација и се преокупирани само со падот на невработеноста, која и во третиот квартал од годинава се симна на историски најниско ниво од 20,8 проценти, на топењето на активното население како проблем пред околу два месеца предупреди Светска банка. Нејзините економски експерти протолкуваа дека стапката на неактивно население е голема поради социјалните давачки кои ги демотивираат луѓето да работат, како и поради големите дознаки од странство кои колку се добри, толку се проблематични, зашто, како што велат, еден ден може да нема кој да плаќа даноци во државата.

Посебно загрижувачки е трендот на пораст на бројот на неактивно население кај младите и особено кај оние во најпродуктивната возраст од 25 до 49 години. Кај оваа популација од 153.435 во третиот квартал лани, во истиот период годинава бројот на неактивни се искачил на 160.315. Ако вкупниот број на работоспособни лица на таа возраст изнесува околу 618.000, тогаш излегува дека секој четврти работоспособен човек на возраст од 25 до 49 години ниту работи, ниту се појавува на пазарот на труд. Инаку, ДЗС регистрира пад на активноста кај овие лица од 80,3 во вториот, на 79,4 проценти во третиот квартал од оваа година.

Во активното население, пак, најбројни се лицата со четири години средно образование – вкупно околу 466.000, од кои вработени се над 360.000. Со двојно помалку, или со над 211 илјади во активното население учествуваат лицата со високо образование од кои над 170 илјади се вработени. Со основно образование се околу 164 илјади, од кои работа имаат 129 илјади.

Според анализата на ДЗС која се базира на анкета на работната сила, на крајот на третото тримесечје од годинава во Македонија има 759.455 вработени и 199.325 невработени лица.