Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), во заедничко соопштение наведуваат дека соочени со злоупотребата на медиумите кои служат на деструктивни агенди на поединци и групи, итно бараат од нив да ги задоволат основните правила за професионална работа, вклучувајќи почитување на Кодексот на новинарите, транспарентност во сопственичката и уредувачка структура, како и прифаќање на саморегулацијата како единствен заштитник на медиумските слободи и независност.
Ова вклучува и наведување на авторството, како и на изворите на информации кога се преземаат содржини од други медиуми.
– Право на секој медиум е да одлучи дали ќе учествува во работата на саморегулативното тело – Советот за етика во медиумите на Македонија, но тоа не ги ослободува од обврската да ги почитуваат професионалните стандарди во медиумската сфера. Ова се минималните стандарди кои се очекува да бидат исполнети од страна на медиумите, во спротивно тие единствено ќе се сметаат за парамедиуми, кои работат на штета на јавниот интерес. Загрижени сме што довербата на јавноста во медиумите е честопати изневерувана од поединци и медиумски платформи кои работат неодговорно и на штета на јавниот интерес, доведувајќи го со тоа во прашање интегритетот на професијата, истакнуваат од СЕММ, ЗНМ и ССНМ.
Посочуваат дека ваквите негативни појави најчесто ги има на платформите на онлајн медиумите, каде се наоѓаат содржини со многу низок квалитет, лажни вести, дезинформации, пропаганда и сензационализам. Во 2017 година над 80 проценти од жалбите до Жалбената комисија на СЕММ се однесувале токму на онлајн медиумите.