Актуелно 12.07.2019 10:30

Штетите од железничката несреќа огромни , одговорност нема

Штетите од железничката несреќа огромни , одговорност нема

Штетите од железничката несреќа која се случи на релација  Скопје – Куманово (Табановци) а за која никој  од властите не презеде одговорност се огромни.

Имено, компаниите претрпуваат огромни штети при нивното работење поради неодговорноста на службите и на Владата.  Така компании кои претставуваат   едни од најголемите индустриски  капацитети во Македонија имаат сериозни  проблеми со снабдување на  основните суровини за работа.

Конкретно компанијата „Макстил“ АД Скопје на 3-ти овој месец испратила известување до Македонската берза за хартии од вредност каде кажува дека поради оштетување на железничката пруга и прекинатата железничка комуникација со Р. Србија компанијата се соочува со исклучително сериозен проблем во снабдувањето на старо железо кое е пак основна металуршка суровина.

Тие укажуваат дека последиците од ваквата состојба ќе бидат непроценливи бидејќи како што велат во известувањето се доведува во прашање континуитетот на производствените активности  но и почитувањето на роковите за испорака на финалните производи.

Од„ Макстил“ исто така алармираат дека голема е веројатноста компанијата да ги  изгуби тешко стекнатите пазарни позиции и дека нема да можат да го планираат идниот производствен процес.

Владата и одговорните институции не превземаа некакви чекори за брзо и ефективно решавање на овој проблем кој според економистите ќе ја чини македонската економија и македонските компании многу.

Инаку, македонската економија најмногу се базира на своите индустриски капацитети кои се извозно ориентирани и кои со огромен процент учествуваат во градењето на Бруто домашниот производ. Прашање е колкава ќе биде причинетата штета од оваа несреќа врз македонската економија со оглед на фактот дека голем број на други компании го користат железничкиот транспорт во таа релација.