Ќе ве излажам ако ви кажам дека ако станам претседател, веднаш ќе го укинам Преспанскиот договор. Тоа може само Уставниот суд да го поништи и укине, истакна професорката Гордана Силјановска Давкова.
-Тоа не може да го укине претседателот. Но, претседател на републиката, може да направи околу себе тим од домашни и странски експерти. Тоа се луѓе од светски глас по меѓународно право. Секоја чест, ти не звучат како европските бирократи и технократи, кои велат дека барем по три основи може да се руши тој договор. Прво, правото на самоопределување, тоа е задолжителна правна норма, задолжително меѓународно право кое никој не може да го негира, ниту пак е потрошно бидејќи тоа е непресушно. Ние се повикавме на тоа право, кога влеговме како рамноправни во југословенската федерација и македонскиот јазик беше еден од трите службени јазици и се повикавме на него и на правото за отцепување и самоопределување, кога излеговме, истакна таа.
Силјановска Давкова потсети на случајот во Хаг и на изјавите кои тогаш ги даваше сегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров.
-Во 2011-та година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ покрена постапка, одличен потег, пред Меѓународниот суд во Хаг, во пресудата ќе најдете дека прочуениот судија вели: „Никој не може на ниту една земја да и каже како ќе се вика, какво име“. Ги помнам зборовите на Никола Димитров кој тогаш рече: „Не го одбравме ние, чесен суде, името туку името нè одбра нас.“ И во право беше. Тоа е неразделно од нашиот идентитет, од јазикот и ние не можеме да се откажеме од него. Сега, дали е заразен од Заевизмот, човекот сосема нешто друго мисли, посочи таа.
Целото нејзино обраќање на оваа тема, погледнете го во видеото во продолжение: