Ако победи, упорно ќе работи на промена на Уставот, на почитување на меѓународните стандарди и на воведување меритократија во државната администрација, вели кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова, во интервјуто за МКД.мк.
МКД.МК: Ако станете претседателка, како ќе се справите со тоа, знаејќи дека уште од самиот почеток сте против овие решенија од Преспанскиот договор? Вие ќе мора да седнете на маса, во фотелја, на конференција, на средба на која ќе бидете именувани како претседател на Република Северна Македонија, и во Македонија и во странство.
Силјановска Давкова:
-Да. Во случајов актуелниот претседател е во огромна предност. Тој беше избран како претседател на Република Македонија, се заколна како претседател на Република Македонија и, се разбира, сака така и да го заврши мандатот.
Јас не сум тип на талибанка, талибанец, предавам уставно право, се разбира дека немам намера да ги симнувам натписите. Но отворено кажувам дека тоа решение не е решение што мојот ум и знаење за уставното право, а и срцето, ќе го прифатат. Јас ќе го држам отворено тоа прашање, ќе укажувам на правните дефекти, на задолжителното меѓународно право, на кршењето на Уставот како причина за преиспитување на тие решенија. Се разбира сето тоа во правна постапка, пред овластени институции.
А уште сега се прават грешки, и во фазата на спроведувањето на Преспанскиот договор не секогаш се води сметка и за решенијата од самиот договор. На пример, не звучи логично дека пред 12 институции треба да стои придавката „национална“, пред театарот да стои македонски театар, пред балетот национално, за МАНУ не знаеме. Легитимитетот на МАНУ, на институциите, произлегувал од државата затоа што таа ги финансирала. Таа теза не држи, особено вака селективно применета.
Се прашувам тогаш од каде произлегува легитимитетот на албанската сателитска телевизија? Од албанската држава? Или на ромската, на ромскиот театар или на турскиот театар? Не. Науката, креацијата, знаењето, уметноста се врзани за нацијата како збир на сите поединци. Ова национално не е апстрактна категорија. Секогаш треба да имате шанса да го замените. Во Франција национално е што? Француското. Во Грција грчкото, во Албанија албанското… А што значи во Македонија? Сакам да кажам тоа е проблем. За мене сериозен проблем е да оставите неколку луѓе да ја преиспитуваат историјата заедно со колегите од Бугарија или од Грција и да определуваат кој, чиј е настанот, личноста, дали е заедничка, чија била, истакна Силјановска Давкова.
МКД.МК: Веќе се сопнавме уште на првата лекција – чиј е Самоил.
Силјановска Давкова:
– Да, добро рековте, со Самоил почна. Веднаш чувме на која линија се согласиле. Но прочитавме и многу поаргументирани реакции на специјалисти токму за овој период. Кој ги овластил, кој им го дал легитимитетот на тие луѓе, кои уште од стартот беа на линијата на Преспанскиот договор? Тоа значи дека тие не се таму поради знаењето, туку и поради партиската блискост.
Секој народ и како етнос и како демос има право на сопствена историја и може да ја пишува историјата по свое. Ова е непознат феномен, особено затоа што е орвеловски, под капата на државата на владата, односно на МНР. Не се одвива во академијата, на универзитетите, не е резултат на повеќегодишни расправи во луѓе од фелата, туку е ексклузивен процес и мислам дека е целосно нелогично вие и јас да сме учеле една историја, а сега нашите деца и внуци да учат нешто друго и ние да имаме чувство на целосна конфузија, па дури и вештачки срам дека нешто сме зеле, сме украле. И сето тоа треба да биде цивилизациска придобивка.
Промената на содржината во учебниците по историја е орвеловски процес и се плашам дека има елементи и на сталинизам. Се редизајнира историјата. Ме плаши она што го слушам од соседството. Професори од соседството велат дека во поновата историја никој не добил ваква можност како тие, да ја редизајнираат историјата, идентитетот и да го редизајнираат нашиот историски и културен наратив.
Во соседна Бугарија велат дека Грците ќе си ја земеле антиката, далеку од умот е дека хеленското наследство е исклучиво грчко, а дека Бугарите ќе си го земеле средновековието, а ние ќе останеме со што? Иако во Договорот од Преспа пишува македонски народ, македонски јазик, своја историја, но ќе се согласите дека Северна Македонија нема своја историја, тоа е двомесечна историја. Ништо во историјата не било врзано за придавката северна. Никаде и никогаш. А тие велат дека сме биле најмладата и најнова држава на Балканот, што не е точно. И јас кога сум цинична, велам дека Македонија е стара држава, барем 75 години, од АСНОМ. И тезата дека на некој што има 75 години му го менувате името, а си има свој идентитет, апсолутно не држи. Тој е обезличен субјект, обезличена жена, обезличена држава. И тоа е нелогично, не само од аспект на оние што тоа го прават, туку од каде правото сега од името на минатите и идните генерации вие да носите таква одлука. Мојата утеха е дена од Жан Жак Русо, преку Џеферсон и до најсовремените конституционалисти, сите велат дека секоја генерација има свое право, а ова право никој не може да ни го одземе, напиша таа.
Целото интервју прочитајте го на МКД.МК.