Актуелно 08.01.2019 21:02

Силјановска: Тие што утре ќе кренат раце во собранието, ја фалсификуваат историјата

Силјановска: Тие што утре ќе кренат раце во собранието, ја фалсификуваат историјата

Професорката од правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, Гордана Силјановска Давкова, како гостин во Отворено на Алфа телевизија нагласи дека оние пратеници кои утре ќе кренат раце да гласаат за уставните промени ја фалсификуваат историјата и дека тоа не е само неморален чин, туку и низа кривични дела.

Таа вели дека политиката е надвор од границите на правото, дека процедурата е гаранција за демократијата, па го праша Претседателот на Владата во која постапка преговара за нови амандмани?

„Се знае дека амандмани се поднесуваат во постапка по предлог Законот, тоа значи утре. Но кај нас се е надвор од процедурата. Ако го споредите првиот текст на Предлогот за отворање на Уставот, кој што беше испратен во Собранието ќе видите дека воопшто не кореспондира со Нацртот. Ако ние ги учиме студентите дека Уставот е над законите и ако сакаме да имаме правна држава тогаш Уставот е најважната рамка за политиката, но во Македонија тоа не важи.“, вели професорката.

Таа ги нагласи последиците кои ќе произлезат од спроведувањето на Преспанскиот договор.

„Далеку од умот е дека на 8 септември повеќе од милион луѓе гласале за Северна Македонија, тоа го пишува во Преамбулата. Постои огромна контрадикција меѓу Преамбулата и членот 36, бидејќи во Преамбулата исто така се почнува со историската меморија, а меморијата е душата на Уставот. “, вели таа.

Професорката изјави дека поради три провинции во Грција кои се појавиле за прв пат на географската карта во 1987 година како региони, не како територијални единици, сега можат како сакаат и кога сакаат да го користат називот Македонија. А ние кои барем 74 години живееме во Република Македонија, повикувајќи се на правото на самоопределување мораме да внимаваме дека придавката „Македонија“ не смееме да ја користиме ни пред државните институции, кога во придавката е суштината.