Професорката Гордана Силјановска-Давкова попладнево ја почна внатрепартиската кампања за претседателски кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. За почетна станица го одбра Општинскиот комитет во Ѓорче Петров, каде пред насобраните членови и симпатизери на најголемата опозициска партија ги презентираше својот план и визија.
„Сакам да ги убедам и нив, како и сите граѓани дека натпартиски кандидат е одлична идеја, која ќе делува обединувачки за сите“, одговара Силјановска на прашањата на „Независен весник“.
Според неа, во земјава постои насушна потреба од глас на разумот, глас на правото, правдата и моралот, глас на вистинските европски вредности. Силјановска има само пофални зборови за нејзините противкандидати во ВМРО-ДПМНЕ, за кои посочува дека се истакнати во своите средини и кои се испрофилирани кадри во партијата, но оти таа поседува искуство, знаење и вештина.
„Визијата и програмата ќе ја темелам на нешто што досега го немало, на нешта што се однесуваат не само на статусот на претседателот и на надлежностите што ги има, туку на поделбите на власта воопшто, која е страшно нарушена во моментов. Без поделба на власт не може да има демократија, нема кочници, не може да има ни правна држава. Тоа кај нас го нема. Претседателот е целосно суспендиран во одлучувањето, дури и во надлежностите што се исклучиво загарантирани за него во меѓународната политика“, потенцира Силјановска.