Економија 21.09.2018 16:37

Сиромаштијата зема замав – највеќе се погодени децата

Сиромаштијата зема замав – највеќе се погодени децата

Децата ширум светот се погодени од сиромаштија.

Половината од луѓето кои живеат во сиромаштија се под 18 години. Ова го покажуваат податоците од најновото истражување на Обединетите Нации.

Околу 1,3 милијарди луѓе, или скоро една четвртина од населението во 104 земји, кои се вклучени во истражувањето, кажале дека се сиромашни. Приближно 662 милиони од нив се деца.
Луѓето кои живеат во сиромаштија немаат пристап до неопходните работи, како што е вода, средства за хигиена, електрична енергија, соодветна исхрана или основно образование.

Со истражувањето се опфатени здравствената заштита, образованието и животниот стандард.

Резултатите од истражувањето покажуваат и дека поголемиот број од сиромашните односно 1,1 милијарда луѓе живеат во селските региони, каде сиромаштијата е четирипати поголема отколку во градските средини.

Истражувањето е спроведено пред се во држави со ниски и средни приходи, во кои живеат речиси три четвртини од светското население.

Според Светска банка, стапката на сиромаштија во светот падна на историски минимум.

Во 2015 година 10 отсто од светското население живеело со помалку од 1,90 долар дневно, што е помалку од оние 11,2 отсто од 2013 година, истакнуваат од оваа меѓународна институција.

Тоа значи дека 735,9 милиони луѓе во 2015 година живееле под границата на сиромаштија, во споредба со 804,2 милиони од 2013 година.

Намалувањето на сиромаштијата е регистрирано во сите региони, со исклучок на Блискиот Исток и Северна Африка, каде што судирите во Сирија и Јемен ја зголемија стапката на сиромаштија од 2,6 отсто, колку што изнесуваше во 2013 година, на 5 отсто, колку што се забележани во 2015 година.

Стапката на сиромаштија во Супсахарска Африка изнесува 41,1 отсто, во Јужна Азија 12,4 отсто, во Латинска Америка и Карибите 4,1 отсто, во Источна Азија и Пацификот 2,3 отсто, а во Европа и Централна Азија 1,5 отсто, истакнаа од Светската банка.