Среде лето, во ек на годишните одмори, Министерството за култура објави конкурсите за директори на 27 национални установи низ Македонија.
Во конкурсот излезен само во еден дневен весник со јасна провладина политичка ориентација, се бараат директори за три театри, осум центри за култура, шест музеи, три универзитетски библиотеки, за двата конзерваторски центри, во Скопје и во Гостивар, директор на Кинотеката на Македонија, Струшки вечери на поезијата, Охридско лето, Спомен-куќата на Мајка Тереза и за Ансамблот на албански ора и песни, и за три театри во Скопје, за МНТ, Драмски и „Театар Комедија“.
Културните работници во Македонија се во шок од терминот за распишување конкурс за нови директори. Нивниот револт е поттикнати од низата одговори на прашањата од институциите кои водат само кон еден заклучок, дека се работи за оглас само за нови партиски функционери, за веќе определени имиња кои подготвени го чекаа појавувањето на конкурсот. Не држи вода објаснувањето од ресорното министерство дека од јануари до сега ги усогласувале статутите во однос на условите за избор на директор.
Главната спорна точка која укажува на можност за нова злоупотреба, непотизам и партиско полнење на државните институции е тоа што само министерот за култура одлучува за избор или за неизвршување на избор на директори.
Всушност, изборот на директори сега, во овој период е можноста за надвладување на партиското над стручното во изборот, со што целата работа би се свела на избор на послушници потребни во следниот период за да ги спроведуваат политиките на власта. Тие наместо да се грижат за културата и македонската посебност, да бидат чувари и потсетници на македонската културна и историска нишка, избраните, според интенциите на евентуално вака наместен избор, ќе треба да се држат до владината стратегија за бришење на оние текстови, поставки, научни трудови, но и претстави од театарскиот репертоар во кои би се споменувала македонската историја и трагедиите на македонскиот народ од политиките од соседствата, со што на власта би се нарушил концептот на наметната „добрососедска политика“, во која нема место за бугарската окупација или грчкиот прогон врз Македонците, нема место за македонското прашање, нема место за македонската историја пред втората светска војна.
Тоа што власта го прифати во двата договори со соседите, бришење и ревидирање на учебниците и училишниот материјал од историските факти, сега веројатно ќе се применува и во културата. На новите директори, како што се надева власта, би паднала и обврската за бришење на македонското од името на институциите, согласно спогодбата со Грција.