Банкарство 10.04.2018 10:50

Словенија давала незаконска помош за НЛБ – Европска комисија води истрага

Словенија давала незаконска помош за НЛБ – Европска комисија води истрага

Европската комисија ја продолжи истрагата против Словенија за наводна незаконска државна помош за банката НЛБ која и натаму е во мнозинска државна сопственост иако планот бил владата од Љубљана да најде инвеститор кој би презел акции во износ од 75% минус една акции од сопственичкиот удел до крајот на 2017 година.

Во писмото кое Европската комисија го достави до Словенија е наведено дека неисполнувањето на роковите за продажба на банката НЛБ значи дека државната помош доделена од 2012 до 2017 година е најверојатно надвор од законските прописи.

Доколку истрагата на Европската комисија заврши потврдно, тогаш НЛБ ќе мора да ги враќа државните парични средства поради поовластена положба на внатрешниот пазар.

Исто така ќе се утврдува дали ќе се применат нови мерки кон Словенија од страна на Европската комисија поради пролонгирањето на продажба на НЛБ. Во Словенија јавното мислење е против продажба на државни средства во приватен сектор и затоа политичкото раководство често и не е решително да ја продаде НЛБ, а во игра се и депозитите во Хрватска уште од времето на Југославија за кои се водат спорови за наплата и реализирање.

Словенија може да остане со сопственички капитал во износ од 25% од вкупниот број на акции плус една акција и планот е продажбата на пакетот на акции во државна сопственост да се реализира до 2019 година.