Поради врнежи од снег, на патните правци Маврово – Дебар и Стража воведена е забрана за тешки товарни возила, информираат од Авто мото-сојузот на Македонија. Забраната се однесува на патните правци крак-Маврово – Дебар и крак-Стража.
Од АМСМ додаваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се наместа влажни, па поради ниските температури, карактеристични за вечерните и утринските часови, постои можност и од појава на голомразица.