Финансии 15.08.2018 22:12

Со цел заштита на личните податоци на граѓаните податоците што ќе ги добива УЈП ќе бидат енкриптирани

Со цел заштита на личните податоци на граѓаните податоците што ќе ги добива УЈП ќе бидат енкриптирани

Министерството за финансии и Управата за јавни приходи одржаа состанок со Македонската банкарска асоцијација во врска со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за банките, на којшто било договорено прецизирање на текстот што ќе се имплементира во новиот текст на Законот, соопшти Министерството за финансии.

Од Кабинетот на министерот велат дека Управата и со постоечкиот закон добива податоци за сметките на граѓаните на писмено барање, па со промените би се добивала само приходната страна по автоматизам, а за другите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање.

„Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не ѝ се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава. Податоците што ќе ги добива УЈП ќе бидат ‘енкриптирани’ со цел да се заштитат личните податоци на граѓаните. Ова ниво на заштита е повисоко и од актуелното. Во насока на заштита на личните податоци, веќе се подготвуваат промени во Законот за Управата за јавни приходи. Промените ќе стапат во сила од почетокот на 2019 година бидејќи истите се потребни за изработка на претпополнетата годишна даночна пријава“, соопшти Министерството.

Со ова, тврди Министерството, како и во најголем дел од европските земји граѓаните ќе се ослободат од пополнување на годишната даночна пријава.

„Нема никакви промени кај третманот на дознаките од странство. Ова значи дека и понатаму ќе се применува постоечкото законодавство, според кое приливите по основ на лични трансфери, помош и подароци не се оданочуваат со персонален данок на доход“, се вели во соопштението на Министерството.

Понатаму се додава дека УЈП и Македонската банкарска асоцијација ќе ја продолжат соработката со цел успешно да се имплементира законот.

Најнови вести