Зголемувањето на персоналниот данок нема да има никаков фискален ефект бидејќи само 2% од вработените заработуваат над 1000 евра и ќе бидат одданочени повеќе, а многу повеќе пари ќе се потрошат на адаптирање на софтверските програми во УЈП, вработување и обука на нови кадри. Зоран Витанов од Асоцијацијата на менаџери вели дека воведувањето на повисока стапка од 18% кај персоналецот е чист популистички потег на Владата. Според него, граѓаните не треба да веруваат дека побогатите ќе се казнат, а парите ќе се префрлат кај посиромашните, бидејќи во буџетот вишок средства нема да се создадат.
Според Витанов, за очекување е масовното иселување уште повеќе да се засили. Тој смета дека наместо државата да најде начин по секоја цена да ги задржи младите високообразувани луѓе во земјава, таа на сила ги брка. Програмерите, лекарите и оние што заработуваат преку интернет од Македонија ќе гледаат што побрзо да ја напуштат државава. Тој вели дека прогресивен данок се воведува само во високоразвиени држави со развиена инфраструктура, бидејќи побогатите повеќе ги користат јавните услуги, а не во земји каде на 80% од територијата нема ниту канализација.
Дел од работната верзија на Законот за персонален данок предвидува воведување и на даночна стапка од 15% на доходите од интелектуална сопственост, ќирии, добивки од капитал, игри на среќа и осигурување. Дополнително се предлага да почнат да се одданочуваат приходите од камати на штедните влогови во банките кои надминуваат 15 илјади денари годишно.
Извор: Алфа