Актуелно 04.11.2018 12:22

„Сонувам за хумано утре“ во 12 – протест за правата на животните

„Сонувам за хумано утре“ во 12 – протест за правата на животните

Под мотото „Сонувам за хумано утре“ денеска напладне пред Собранието ќе започне протестен марш на сите здруженија за заштита на животните регистрирани во Македонија за конечно ставање под контрола на состојбата со бездомните животни.

Од пред Собранието на Македонија, протестниот марш води кон Владата и ќе заврши во 14 часот пред Град Скопје.

Од здруженијата велат дека го креваат својот глас поради катастрофалната состојба во стационарот Вардариште каде што во крајно нехумани услови животните се измачувани, изгладнувани и најчесто нивниот живот завршува со бавна и болна смрт. Велат дека никогаш немало повеќе животни на улица и дека ништо не е направено да се воведе ред во овој сегмент.

Најавуваат дека имаат решенија и предлог-програма за која велат дека е единствената хумана програма што дава резултат поради тоа што истата се применувала во земји каде што проблемот е одамна решен.

На социјалните мрежи веќе се придружуваат голем број на граѓани и познати личности, а огромна е и поддршката од активисти и љубители на животни од буквално целиот свет кои постираат фотографии со мотото „Македонијо, светот те гледа!“.

На настанот се поканети да се приклучат сите граѓани на Скопје и Македонија, особено оние кои не сакаат да гледаат кучиња на улиците, бидејќи со решенијата на активистите за само неколку години драматично ќе се намали бројот на бездомни кучиња на градските улици.

„Парите на граѓаните крајно неекономично се трошат, а проблемот опстојува веќе со децении иако е трајно решлив за само неколку години. Единствено што е потребно е управувањето со стационарите да се предаде на вистинските луѓе кои знаат да се справат со ситуацијата. Институциите да ни ја предадат надлежноста нам е единствениот излез. Нивните тактики се исти со децении и не даваат резултат. Редно е ние да покажеме што знаеме и што можеме“, велат организаторите на протестот.

Секој кој сака да ја изрази својата поддршка на социјалните мрежи може да го стори тоа со објавување на фотографија од својот, по можност вдомен, миленик и употреба на официјален хаштаг #СонувамЗаХуманоУтре #ИЈасСонувам.