Нови форми и нови методи за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Србија се реалните очекувања од најавениот македонско-српски бизнис форум, кој ќе се одржи на 2 и 3 декември во Скопје, а кој се најде и во фокусот на разговорот за време на работната средба одржана во Белград помеѓу заменик-претседателот на Владата на Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ и неговата српска колешка Адријана Месаровиќ.
Како што истакна г. Стоилковиќ очекувањата од овој бизнис форум се дека истиот ќе резултира со изнаоѓање нови форми и нови методи, но и потпишување меморандум кој ќе биде многу повеќе од список на добри намери или желби.
„Разговорите одеа во насока на подготовките за бизнис форумот на кој се очекува да се обратат претседателот на македонската Влада, г. Христијан Мицкоски и потпретседателот на Владата на Р Србија Адријана Месаровиќ. Прв пат во историјата на меѓудржавните средби и бизнис средби забележан е напредок од аспект што прв пат од страна на Македонија трите стопански комори настапуваат единствено што не се случило во изминатите 30 години и што е еден голем успех, пред сѐ, за македонското стопанство. На тој заеднички настап на трите македонски стопански комори во соработка со српската стопанска комора се надевам дека во присуство на околу 100 – 120 бизнисмени од двете страни ќе се изнајдат нови форми и нови методи за соработка меѓу двете држави.
Она што е мошне битно и што се очекува да биде направено за време на официјалната посета на потпретседателот на српската влада во Македонија е потпишувањето на меморандумот за соработка, но овој пат не меморандум како список на добри намери или желби што ќе се направи, туку меморандум во смисла на преземање активности кои значат многу повеќе и претставуваат обврска што поскоро да се завршуваат некои работи поврзани со заедничката соработка, пред сѐ, во области како што се инвестициите, продлабочувањето на понатамошната соработка, настапот на трети пазари, развојот на патната и железничката инфраструктура, односно соработката во таа насока“, рече Стоилковиќ и потсети дека проектите за брза пруга се регионални, како и дека она што треба да се има предвид е фактот дека во првите девет месеци стопанската размна меѓу Србија и Македонија бележи пораст за 17 %.
„Сепак морам да кажам дека очекувањата и на граѓаните и на нас политичарите во однос на таа соработка треба да биде поголема, така од тој аспект претстои многу работа, има многу проекти, недостасуваат многу пари како и секогаш, но постои добра волја работите да се туркаат напред“, додаде вицепремиерот и министер Стоилковиќ.