МВР три дена молчи и не одговара што бара нивно службено возило во кампот Евридики во соседна Грција? Кој издал налог и што барал полициски службеник со службен џип во кампот? Кого превезувал во џипот, и чии се кесите од „Лидл“ кои што се гледаат во багажниот простор? Срамно е МВР да не знае три дена што се случувало со службеното возило и преку соопштенија да ја манипулира јавноста, истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Дали сакаат да не убедат дека службената делегација на МВР предводена од ќерка на висок функционер и нејзини другарки со службен возач била испратена во кампот Евридики да полагаат свежо цвеќе за Илинден? Да не беше трагично ќе беше смешно како Оливер Спасовски и СДСМ се обидуваат да го покријат расипничкото однесување. Еве малку да им помогнеме. Постојат само три вакви џипа во МВР и точно се знае кој ги должи. Џиповите се дел од поголема донација на Европската унија и требаше да бидат наменети за граничната полиција и поефикасно справување со илегалната миграција. Тука се поставува прашањето, кога СДСМ и нивните функционери вака се однесуваат со донациите на ЕУ за кои што нашите меѓународни партнери водат сметка како се употребуваат, што ли прават со парите на граѓаните. Ова не е ништо друго, туку бескрупулозна злоупотреба на државните ресурси за задоволување на хедонистичките потреби на функционерите на СДСМ и на нивните семејства, вели Стоилковски и додава:
„Почитувана јавност, Единствената Европа за која зборува власта завршува на грчките плажи. „Башибозукот“ е дојден до таму што службени полициски џипови се користат за транспорт на семејства на високи функционери до грчките плажи. Веќе неколку дена јавноста сведочи како МВР и власта не само што не можат да го покријат самоволието и злоупотребите. Откако скандалот на МВР – ТУРС одекна во јавноста, а се споменува семејството на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски, МВР – ТУРС се обидува да го засени со оправдувања дека возилото било управувано од службено лице со налог“.
За ова, подвлекува тој, мора да се понесе одговорност.
-Вакво расипништво е недозволиво. Секојдневни афери и скандали поврзани со криминалните тендери, тендерски милионски суми за фиктивни фирми и злоупотреби на државен имот и пари од буџетот ја следат оваа власт. Се злоупотребува се’- од хеликоптери до полициски џипови само за задоволување на нараснатото его и ненаситните апетити. Но, јавноста и не можеше да очекува поинакво однесување од власта на неколкукратно оосомничен и аболициран политичар.