Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција истакна дека ќерка на татко доделува милиони евра на тендер, власта дефокусира, а ОЈО си тера „по допрен глас“ за се’ само не за најочигледните примери за можности за криминал и корупција.
-Ова е случај каде ќерката директор на здравствена установа доделува тендерот од 3 милиони евра на фирмата на таткото. Крвавите тендери во здравството не запираат. Скандалот со тендерите од ќерка за татко во здравството, со очигледен судир на интереси, крвно сродство од прв ред, не смее да мине без реакција од државата. Очигледниот судир на интереси е невидлив само за институциите. Залудни се партиските соопштенија потпишани од клиниката, кога е јасно дека изземањето на директорката на Клиниката за хематологија од потпишување на договорите за набавка, не е доволно за да се елиминира фактичкиот судир на интереси во кој што се наоѓа ќерката – директор, затоа што се работи за техника на спроведување на јавна набавка. Тој очигледен судир на интереси, крвно сродство од прв ред, би требало да биде надминат со оневозможување јавната набавка од институцијата каде директорува ќерката да ја добие фирмата на нејзиниот татко, нагласува Стоилковски.
Тој посочува дека обвинителите би требало да знаат дека крвно сродство од прв ред е најдиректен судир на интереси.
– Свесно се запоставува фактот дека директорката ја составува нарачката на сите препарати и опрема што треба да се набават за Клиниката. Вака, тоа што таткото го нуди, ќерката го купува. Таа може, заради крвното сродство од прв ред, да нарача тоа што го нуди понудувачот, во случајот таткото. Притоа, со ваков јасен и недвосмислен судир на интереси семејната компанија на директорката на Клиниката за хематологија „Др. Пановски“ остварува материјална добивка од договор со Клиниката. Ваквиот судир на интереси – крвно сродство од прв ред – создава нерамноправни услови за другите учесници во тендерската постапка на понудување и се крши основниот пазарен принцип. Тоа се вика стекнување на имотна корист под привилегирани услови. Склучувањето договор меѓу Клиниката за хематологија и семејната компанија на Директорката на Клиниката значи прекршени правни норми, заради што тој Договор не би требало да произведува ниту регуларно правни последици, и треба да биде поништен, нагласува партискиот портпарол.
Стоилковски повторува дека крвно сродство од прв ред „татко – ќерка“, е најдиректен судир на интереси, заради кој и не смее да биде склучен договор! Во спротивно, на големо се поддржува белата мафија.
-Вистинската борба против криминалот бара да се елиминираат последиците од казнивите дела! Се’ до тогаш, Македонија ќе тоне во корупција на светските листи! Просторот за криминал ќе се стеснува кога ќе се елиминираат последиците од казнивите дела! Тоа значи поништување на тендерот и враќање на парите, вели тој на денешната прес-конференција.