Актуелно 07.07.2018 14:07

Стоилковски: ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите што се противат на политиките на Заев утре во 13 часот да се приклучат на протестниот марш во Струмица

Стоилковски: ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите што се противат на политиките на Заев утре во 13 часот да се приклучат на протестниот марш во Струмица

Очигледно Зоран Заев мораше да се консултира со Грција дали и со какво прашање да застане пред македонските граѓани. Среде Владата на Република Македонија, во својство на премиер на Република Македонија, Зоран Заев за грчкиот национален медиум се самоцензурира да не случајно изговори Македонија. Да не го изговори името на државата, изјави денес портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Тој посочува дека  притоа, македонскиот премиер за своите одлуки или дилеми прво се обраќа пред грчката јавност! Тоа е зајакнатиот Зоранов идентитет.

-Ваквото однесување на Заев е срамно и антидржавно! За највисоките државни и национални интереси граѓаните да разбираат преку грчка национална телевизија, откако прво ќе го слушнат грчките државјани. Тоа е недостојно за премиер на Република Македонија. Дали тоа Зоран Заев се консултираше со неговите нови пријатели преку границата што да го праша македонскиот народ на референдум?

„Дали сте за Европската Унија и за НАТО и за поддршка на договорот со Грција?“ Или

„Дали сте за Европската унија и НАТО поддржувајќи го името Република Северна Македонија?“, вели Стоилковски.

Тој додава дека прашањата сами по себе се манипулација и ја поистоветуваат определбата за членство во ЕУ и во НАТО со срамниот договор што го прифати Заев.

-Лага на Заев е дека обезличувањето на македонскиот народ е предуслов за евроатлански интеграции, бидејќи тие се темелат на достоинствено партнерство и почитување на човековите права, кои за жал Заев ги погази. Никој не бара од Македонците да се самопоништат. Зоран Заев упорно го лаже македонскиот народ, кога вели дека сака да изгради консензус пред да ги дефинира на пример референдумско прашање, а потоа да го соопшти. Зоран Заев во целиот овој процес за обезличување на државата и македонскиот народ, ги исклучи опозицијата, го исклучи народот, го исклучи претседателот на државата. Го претвори процесот во своја приватна забава. Но сега гледаме дека му е важно да има допир со грчките националисти. Важно му е да го допре Каменос. Дали тој допир му е поважен од допирот со македонскиот народ, со македонската опозиција, со македонскиот претседател? Ова мора да престане. Граѓаните ќе застанат пред заканата по македонскиот идентитет, пред девастирањето на државата во сите основи. ВМРО-ДПМНЕ ќе застане на браникот заедно со народот. Токму затоа ги повикуваме сите оние што се противат на ваквите девастирачки политики на Заев и неговата свита во Владата, утре во 13 часот да се приклучат на протестниот марш на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица. Народот ќе победи. Македонија ќе победи, нагласува партискиот портпарол.