Економија 17.02.2026 13:02

Стојаноски: 2 години власт, конкретни резултати за јавниот сектор, продолжуваме со раст на платите и стабилна економија

Стојаноски: 2 години власт, конкретни резултати за јавниот сектор, продолжуваме со раст на платите и стабилна економија

Пратеникот Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција изјави дека Владата во изминатите две години реализирала серија зголемувања на платите во јавниот сектор и дека тие, според него, се значително повисоки од барањата што синдикатите ги поставувале додека партијата била во опозиција.

Тој потсети дека претставници на партијата во периодот од 2020 до 2024 година учествувале на протести и средби со синдикалните претставници, нагласувајќи дека тогашното барање било линеарно зголемување од 2.806 денари по вработен.

Според Стојаноски, денес платите во општините управувани од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се зголемени во просек за околу 5.000 денари, додека во повеќе сектори се договорени процентуални покачувања. Тој наведе дека во образованието е постигнат колективен договор со кој примањата треба да пораснат од 46 до 60 проценти во рок од четири години, во високото образование најмалку 14 проценти, а во здравството од 40 до 50 проценти во рамки на еден мандат.

Дополнително, како што посочи, полициските службеници добиле зголемување од 10 проценти, социјалните работници 20 проценти, а дел од административните службеници и институциите биле опфатени со договори што предвидуваат раст до 40 проценти во наредните години.

Пратеникот оцени дека разликата меѓу периодот кога партијата била во опозиција и сега е во тоа што, како што рече, „наместо ветувања на улица, се потпишуваат договори со рокови и гаранции“. Тој истакна и дека минималната плата треба да се договара во рамки на Економско-социјалниот совет, со учество на синдикатите и работодавачите.

Стојаноски упати критики кон актуелното раководство на ССМ, тврдејќи дека нема нови договори издејствувани преку преговори, и оцени дека е потребен дијалог наместо конфронтација.

Од Владата, додаде тој, најавуваат дека ќе продолжат со системски зголемувања на платите и почитување на колективните договори, со цел, како што рече, растот на економијата да овозможи понатамошно зголемување на примањата.