Економија 07.06.2018 11:47

Tекстилците се жалат за минималната плата, најавуваат отпуштања

Tекстилците се жалат за минималната плата, најавуваат отпуштања

Над 5.000 луѓе може да останат без работа поради воведувањето на минималната плата и одлуката на Уставниот суд да го укине нормираниот учинок, а некои компании, од кои дел странски инвеститори, веќе си одат од земјава, предупредуваат текстилците.

Тие денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија уште еднаш побараа предвидените 50 отсто од придонесите што треба да им бидат исплатени на трудоинтензивните дејности, да се пренасочат директно кон работниците.

Владата мора да направи реформи во овој дел на економијата, за да не се предизвика огромен негативен ефект, каков што предупредуваат експертите дека може да се случи.

– Не ни треба поддршка за минималната, туку за повисоките плати, за да ги стимулираме работниците и да ја зголемиме продуктивноста, истакна претседателот на Кластерот за текстил, Марјана Перковска.

Според неа,  Владата мора да ги забрза реформите во економијата. Многу време троши на прашањето за името и на други политички проблеми.

Текстилците се пожалија и дека по воведувањето на минималната плата практично станале социјални претпријатија. Доведени се во ситуација да земаат кредит за да обезбедат плати.

– Околу 80 отсто од вкупниот приход на текстилните компании оди за плати што е премногу. Минималната плата е неодржлива во секоја смисла, по однос на продуктивноста, техничката подготвеност, конкурентноста, потенцира Перковска.

Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, рече дека производството на облека во периодот  јануари-април 2018 е намалено за четири отсто во споредба со истиот период лани, а производството на кожа за 6,3 проценти.

– Продолжува намалувањето на производството поради намалувањето на бројот на работниците, посочи Димитров.

Во текстилната индустрија работат 35.000 лица или вкупно 40.000 заедно со кожарството.