Актуелно 15.05.2018 13:04

Тевдовски без одговор дали се спрема ребаланс во јуни

Тевдовски без одговор дали се спрема ребаланс во јуни

Иако премиерот Зоран Заев најави ребаланс на буџетот во јуни, министерот Драган Тевдовски не одговори дали Министерството за финансии веќе започнало да се подготвува за тоа. Тевдовски тврди дека во минатото ребалансите се правеле поради слаба наплата на приходите, а во моментов приходите во буџетот биле според проекциите. Сепак вели дека размислуваат за нивна подобра прераспределба со оглед на слабата реализација на капиталните инвестиции.

„Нашето настојување, правиме притисок до сите да ги реализираат капиталните инвестиции. Како што кажав приходите ни се соодетно на проекциите, ние имаме апсолутно одлична ликвидност. Главната битка е да имаме подобра реализација на капиталните инвестиции“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Во однос на изборот на нов гувернер, Тевдовски не сакаше многу да зборува. Рече дека монетарната политика е независна од фискалната и тоа прашање ќе му го остави на Собранието. Премиерот Заев пред десетина дена кажа дека има потреба од ребаланс на буџетот кон средината на годината. Според него, направени се заштеди од 25 милиони евра кај јавните претпријатија кои ќе бидат пренаменети за капитални проекти.