На последниот предизборен митинг во Флорида пред изборите следната недела претседателот на САД Доналд Трамп ги повика своите поддржувачи да ги изберат републиканските кандидати за гувернер и сенатор, оти во спротивно, како што рече, Демократската партија ќе ја уништи државата.
Трамп по вторпат оваа недела беше на предизборен митинг во Флорида за да ги поддржи кандидатите на својата партија за сенатор и гувернер. Тој предупреди дека ако биде избран кандидатот за гувернер на Демократската партија, Ендрју Гилам, жителите на Флорида ќе плаќаат повисоки даноци.
-Тие ќе наметнат социјализам во Флорида. Добредојдовте во Венецуела, изјави Трамп.
Претседателот на САД ја истакна економијата, вклучувајќи ја и рекордно ниската невработеност, особено меѓу малцинствата. Покрај тоа, тој вети даночни олеснувања за средната класа.
МИА