Економија 12.08.2018 14:31

Трговската војна ќе има силно негативно влијание врз растот на светската економија

Трговската војна ќе има силно негативно влијание врз растот на светската економија

Милијардерот Бил Гејтс ја опиша глобалната трговија како „страшна“. Според него, таа ќе има силно негативно влијание врз растот на светската економија и побарувачката на работа, соопштува CNBC.

Според основачот на Microsoft, светската економија се движи со добро темпо во моментов, но има голема веројатност да биде погодена од ефектот на наметнатите давачки од страна на најголемите економии.

„Дефинитивно овој трговски конфликт изгледа страшно, особено доколку луѓето кои бараат работа надвор од сопствената земја, можат да се откажат во еден момент од тоа. Ќе има негативно влијание врз светската економија, што може да биде многу посериозно ако трговската војна продолжи со наметнувањето на царини“, рече Бил Гејтс.

Голем број земји се вклучени во трговскиот спор, главно инициран од американската администрација на Доналд Трамп. Во текот на изминатата недела, Кина соопшти дека е подготвена да возврати на нападот на САД со наметнување на царини за увозот на американски стоки за околу 60 милијарди долари, само еден ден откако од Вашингтон открија дека Трамп разговарал со трговскиот претставник на земјата Роберт Лајтајзер да се подигнат проектираните царински давачки за увезената кинеска стока од 10% на 25%.

Европската унија (ЕУ), Канада и Мексико исто така беа вклучени во конфликтот со САД.

Дополнителното наметнување на давачки може да предизвика сериозни последици за голем број на индустриски области, особено за оние со комплексни мрежи за снабдување, смета основачот на Microsoft.

„Реториката дека ќе користиме трговски царини и ќе принудиме некого да направи нешто, може да доведе до ескалација, да се најдеме во ситуација со многу давачки и тоа да го спречи увозот и извозот, како целина, што само по себе ќе претставува сериозна тежина за економски раст и последователно, за создавање на нови работни места“, додаде тој.

Коментарите на Гејтс доаѓаат во позадина на предупредувањата на голем број на големи организации за негативното влијание на растечката трговска војна врз светската економија. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), изјави во јуни дека актуелните закани од страна на САД кон нивните трговски партнери во однос на царините може да го намалат значително глобалниот економски раст до 2020 година за 0,5% – или 430 милијардидолари загубен БДП.

Светската трговска организација (СТО), од своја страна, објавува извештај кој покажува зголемување на т.н. „Мерки за ограничување на трговијата“ помеѓу октомври 2017 и мај 2018 помеѓу земјите од Г-20. Генералниот директор на СТО, Роберто Азеведо, изрази загриженост во врска со овој факт.

„Оваа континуирана ескалација претставува сериозна закана за глобалниот економски раст и за обновување на сите земји. Ова многу добро се забележува од наша страна во некои индикатори“, рече Азеведо.

Најнови вести