Европскиот суд за правда пресуди дека трошоците на пратениците од Европскиот парламент ќе останат тајна, објави „Индeпендет“.
Кампањата со барање трошоците на европарламентарците да бидат транспарентни ја поведоа медиумите, но судот одлучи дека Европскиот парламент има право да не ги соопшти овие податоци со образложение дека информациите би претставувале кршење на заштитата на приватноста и интегритетот на поединците.
Судот пресуди дека информациите не може да се објават ни во анонимен облик, со кој би се заштитила приватноста, што значи дека Европскиот парламент не смее да објави ни вкупни трошоци. Судот заклучи дека таквото одавање информации само би претставувало дополнителен административен товар, а би било бескорисно бидејќи нема да содржи имиња на пратениците.
Европскиот парламент континуирано ги одбива барањата за детаљни информации за патните трошоци на 751 пратеник, како и за нивните дневници и други примања на кои имаат право.
Околу 450 милиони евра годишно буџетот на Европскиот парламент издвојува за плати, патни трошоци и дневници, но уште 40 милиони се трошат на дополнителни активности, наведе „Индепендет“.