Актуелно 10.02.2019 22:41

Вељановски со факти го замолкна режисерот Поповски

Вељановски со факти го замолкна режисерот Поповски

Ова го пишува актерот Роберт Вељаноски на својот Фејсбук профил, по реакциите за неговата прес-конференција, која ја одржа денес.

Режисерот Александар Поповски, говорот на Вељановски го нарече “партиска послушност“.

-Кога Зоја Бузалковска поднесува оставка од функцијата советник во министерството за култура, тоа е одраз на стручност и професионалност. Кога Роберт Вељановски нешто раскажува тоа е партиска послушност. Постои огромна цивилизациска разлика помеѓу овие две појави. Едната и припаѓа на оние највозвишените другата на оние најниските. Не можам повеќе да ја слушам таа глупава реторика која постојано нашите реакции ги сместува во политичка припадност. Не знам што ви прават таму во ВМРО ама не ми е јасно како не сфативте дека постојат уметници кои ќе ја бранат уметноста и само принципте без разлика на нивнта политичка верска или свемирска припадност, напиша Поповски.

Реакцијата на Вељановски ви ја пренесуваме во целост:

„Постои огромна цивилизациска разлика, ама помеѓу мене и тебе, г-дине Поповски. Јас, за разлика од тебе, никогаш не сум криел кој сум и никогаш не сум одработил како No Name активист. Кога веќе си толку загрижен за буџетот на ВМРО-ДПМНЕ, ти соопштувам дека за прес конференциите и за другите активности во партијата – не сум платен. Ако не си знаел, никој не ти кажал или пак не си сакал да научиш, да ти кажам. Има работи г-дине Поповски кои се работат за идеја, а не за пари. Дали, кога и колку си платен за твоите написи, изјави и интервјуа, најискрено, баш ми е гајле.

Јас нема да си дозволам да злоупотребам личности, нивни реакции и настани кои по игра на случајот и ургентноста на ситуацијата се случија во ист ден, онака како што тоа го прави Александар Поповски. Два изолирани настани, две личности (добро, една личност и еден небањат жмроњ) со само еден заеднички именител, реакција на Годишната програма за работа во културата за 2019 година, сплотени во една лошо скроената приказна која треба да ги ублажи ударите и да ја амортизира штетата што ја трпи владеачкото мнозинство. Фрагментарна драматургија! Лоша, додуша. Браво! Седи, Ќец!!! И сето тоа, за да се направи точна дистинкција помеѓу доброто и злото, помеѓу возвишеното и ниското, помеѓу светото и профаното, помеѓу бањатите и небањатите, помеѓу елитата и останатата багра. Умееш ти и подобро, и повешто, и поумно Александре Поповски. Моето „глупо раскажување“ и ставот на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата во ниту еден сегмент од неа не се повикува и не сместува никој друг, ниту пак ничија друга постапка во било каква политичка припадност. Освен оние се разбира, кои со име и презиме беа прозвани да понесат одговорност за извршените дејствија и политиките кои ги спроведуваат!

Послушник?! Човек без интегритет и уметнички капацитет, човек без морален и уметнички кредибилитет кој од ливче чита што да каже?! Човек кој никогаш не застанал во ваша одбрана во режимот на Никола Груевски?! Нешто си ми многу јак на вилица, а уплашен од документи?! Или имам погрешен впечаток?! „… Драги мој Вељановски, прво мора да се извините и да барате прошка за се она што го правевте десет години…“. Види мајката! Прво, Драги Вељановски е режисер од МТВ. Не знам зошто него го мешаш во тажнава приказна. Второ, да се извинам?! Кому?! И за што?! Добро. Еве, се извинувам.
И се извинувам на македонската културна јавност, посебно на македонските театарски уметници што како член на Комисијата за драмска дејност при Министерството за култура на Република Македонија, во три наврати, за 2011, 2012 и 2013 година го поддржував и го одобрив Предлог-проектот на НУ Драмски театар Скопје „Кирил и Методиј се враќаат дома“ од Горан Стефановски, а во режија на Александар Поповски. Би сакал посебно да се извинам поради фактот што претставата, која иако не беше реализирана во 2011, е префрлена за 2012, па за 2013 година. И покрај тој факт, јас повторно и повторно сум ја поддржал. Срам да ми е! Како единствено оправдание што можам да го понудам во мојата заблуденост е СТАВОТ дека сум сметал дека режисерот Поповски е кадарен да ја сработи претставата. Оваа претстава никогаш не ја реализираше Александар Поповски, туку во 2013, до НУ Драмски театар Скопје испрати Изјава со која се откажува од работа на претставата. Подоцна, во октомври-ноември 2013 година, претставата доби наслов „Огнени јазици“ и ја режираше професорот Слободан Унковски.

Им се извинувам на НУ Драмски театар од Скопје и вработените во установата, што како Директор на установата во 2014 година испратив Предлог-проект „Змејот“ од Евгениј Шварц, во режија на Александар Поповски, со целата потребна документација во Министерството за култура, вклучително и изјава за подготвеност за работа, потпишана од режисерот Поповски. Во јули 2015 година, по испратениот маил до Поповски со молба да испрати поделба на улогите, добивме повратен маил со кој не информираше дека се откажува од работа на проектот. Само нешто лично да те прашам, г-дине Поповски. Ти навистина мислиш и веруваш дека не сум го читал „Змејот“ и дека не знаев каква претстава ќе направиш?! Ама, за жал, ИМАВ СТАВ. И го поддржав проектот, уметниче.

И се извинувам на македонската театарска јавност, што во февруари 2015 година, како Директор на НУ Драмски театар Скопје и без денар поддршка од Министерството за култура, изменаџирав и ја донесов претставата на Загребскиот театар „Керемпух“, „Да живее Хармс! Чудата постојат!“ во режија на Александар Поповски. Почитувани дами и господа, искрено жалам за пропустот, но ИМАВ СТАВ дека сите претстави на македонските режисери кои се работени надвор од Републиката, треба и мора да бидат видени дома. Документи, и за првиот и за вторит случај, а богами и за третиот случај, има. И во Министерството за култура, и во Драмски. И во Керемпух. А и во мојата лична архива.

Непримерно ќе биде, иако имам прин скринови од смс пораки и нема да излажам ништо, да ја отворам темата за Конкурсот за вработување на режисери во НУ Драмски театар, во 2015 година. Нели, Александар?!
Постои разлика, нели?! Цивилизациска!

Драг Александар, те замолувам, престани веќе да срамиш од мене, од нас. Ние сме два различни света, две цивилизации, два паралелни светогледи. Се разбира, ако дозволуваш да има други светови, други цивилизации и други светогледи освен твојот. Навистина непријатно ми паѓа кога врз своите нејаки плеќи го носиш мојот срам. Ослободи се од него.

За крај. Земи повтори ги лекциите од прва година режија, немој да ми ја срамиш фелата. Ти си раскажувачот, јас сум дејствувачот.

П.С. Александар, искрено жалам што си почувствувал гадење додека си го гледал пресот кој го држев. Ама разбери ме, јас повраќав додека те читав“-напиша Вељановски.