Актуелно 15.02.2019 17:37

Ветија кратење на луксузи, но трошат илјадници евра на столови од телешка кожа

Ветија кратење на луксузи, но трошат илјадници евра на столови од телешка кожа

Зоран Заев на „Отчетот за 100 дена“ што има сторено неговата влада рече дека оваа влада немале намера да финансираат луксузирање на државниот апарат, репрезентации, рекламирање и бесцелни службени патувања.

„Нашата задача беше да ги лоцираме непродуктивните трошоци, нерационални, непотребни трошоци. И да најдеме основа парите предвидени за недомаќински трошоци, да ги пренасочиме кон потребите од граѓаните и кон компаниите. Немаме намера да го финансираме луксузирањето на државниот апарат. Оваа влада нема намера да затвора пари во непродуктивни трошоци“ – изјави Заев.

Но граѓаните се сведоци на се поголемите луксузирања на министрите и директорите по државните претпријатија. МНР пред некое време потроши 5.000 евра на цвеќе. МЕПСО распиша тендер за фотелји кои се обложени со телешка кожа во износ од 84.000 евра. Министерство за одбрана потроши околу 80.000 евра за алкохолни пијалоци и за апетисани околу 4.700 евра.

Министерство за внатрешни работи пак денеска во четири одделни јавни набавки нарачува мебел за над 150 илјади евра. Бироа, фиокари, ормари, клуб маси, закачалки, но и фотелји од телешка кожа е само дел од предметот на јавната набавка во МВР.

Според спецификациите објавени на веб страната за јавни набавки, МВР нарачува 50 работни фотелји чија „завршна прекривка треба да биде од природна телешка кожа, а столицата треба да има фиксни метално хромирани раконаслони кои во горниот дел ќе бидат тапацирани со природна телешка кожа“. Освен овие работни столици, МВР склучило договор за набавка на уште 250 работни столици, но обложени со полиестер и за уште 100 канцелариски столици. Вкупно, само за столици, МВР плаќа околу 35 илјади евра.

Најмногу пари, односно над 83 илјади евра МВР дава за метални ормари, фиокари, гардеробери, метални шкафови за чување огнено оружје итн.

За бироа и клубски маси Министерството склучило договор од околу 30 илјади евра, а за закачалки за облека и чадори околу 2,3 илјади евра.