ВМРО-ДПМНЕ преку реакција на соопштението на Министерството за финансии соопшти дека македонската економија е пред колапс со најниска стапка на раст во регионот и Европа.
Оттаму посочуваат дека не постои ниту еден граѓанин кој живее подобро откако е Зоран Заев на власт, освен снаата на Цветанка Ласкова, Вице Заев, Кочо Анѓушев и останатите членови или роднини на криминалниот картел на власт.
-Нема ниту еден обичен граѓанин кој може да му купи еден пар патики повеќе на своето дете или може да си дозволи поскап одмор. Затоа лицемерно е кога црното економско трио се фали со некакви резултати наместо да се фати за работа. Ниедна манипулација или соопштение не може да го покријат фактот дека се фрлија само на крадење, а не на градење. Владата на Зоран Заев, неговите луѓе задолжени за економијата и инвестициите, Кочо Анѓушев и Драган Тевдовски очиглено не работат ништо. Тие само ја водат Република Македонија кон економска пропаст. Тие се заслужни за катастрофата која и се случува на Македонија, се вели во реакцијата.
Оттаму потенцираат дека овој економски тим во последните десет години ја доведе Македонија на најниско ниво на капитални инвестиции.
-Тие се заслужни за тоа што ја задолжија Македонија со околу 1,5 милијарди евра. Јавниот и државниот долг ги урнаа психолошките бариери, а капитални инвестиции за граѓаните нема. Неспособноста на владата предводена од СДСМ во областа на економијата бројките ја потвдуваат секојдневно. Последна таква потврда е извештајот објавен од министерството за финансии каде што се гледа катастрофален процент за реализација на капиталните инвестиции од 16,65%. Помина повеќе од половина година, а економскиот тим не може да ги реализира капиталните инвестиции кои сами ги планираа. За споредба претходните влади за истиот период реализираа и по речи 45 проценти од предвидените капитални инвестиции. Неработењето и неспособноста на влада предводена од СДСМ се покажа уште еднаш. Погодени од фактот дека не им оди со капиталните инвестиции, се фалат со локални проекти, се вели во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека економскиот тим на Заев сигурно ја води Македонија кон економски крах кој ќе ги погоди сите. Тој крах, според партијата, е проследен со грабеж и земање на пари од Буџетот кои завршуваат во џебовите на функционерите од владата предводена од СДСМ. Во реакцијата се вели дека на овој економски пустош спроведуван од актуелната влада мора да се стави крај.