Актуелно 10.06.2026 09:38

ВМРО-ДПМНЕ испорачува, отпочнува процесот за приклучување на Македонија кон европскиот роаминг-простор

ВМРО-ДПМНЕ испорачува, отпочнува процесот за приклучување на Македонија кон европскиот роаминг-простор

Приклучувањето на Македонија кон иницијативата „Роаминг како дома“ ќе им овозможи на граѓаните да користат мобилни услуги, интернет, повици и СМС-пораки во земјите од Европската Унија по цени исти како дома, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата оценуваат дека станува збор за директна придобивка од европската интеграција, која ќе значи пониски трошоци за граѓаните, полесна комуникација со семејствата, пријателите и деловните партнери во Европа, како и подобри услови за работа на компаниите и поевтина прекугранична соработка.

Како што се наведува во соопштението, со цел усогласување на македонското законодавство со европските директиви и регулативи во областа на електронските комуникации, биле изработени четири гап-анализи. Врз основа на тие анализи бил подготвен законски текст за измени и дополнувања на Законот за електронски комуникации.

Во рамки на подготовката на законската рамка потребна за пристапување кон иницијативата, Нацрт-законот бил објавен на ЕНЕР на 20 јануари 2026 година, додека на 24 февруари 2026 година бил утврден текстот на Предлог-законот.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека на 4 јуни 2026 година Советот на ЕУ го одобрил отпочнувањето на преговорите со земјите од Западен Балкан за проширување на иницијативата „Roam Like at Home“. Според партијата, ова претставува важен политички сигнал и формален почеток на процесот за вклучување на земјите од регионот во европскиот роаминг-простор.

Во насока на понатамошно придвижување на процесот, на 12 јуни 2026 година министерот за дигитална трансформација треба да присуствува на состанок со министрите од земјите од Западен Балкан и претставници на Европската комисија. На состанокот, според соопштението, ќе се разговара за главните елементи на преговарачката рамка, следните чекори и степенот на подготвеност на земјите за пристапување кон иницијативата.

ВМРО-ДПМНЕ наведува дека Владата предводена од партијата ги става интересите на граѓаните во фокусот на своето работење, оценувајќи дека иницијативата има директно значење за граѓаните, компаниите, студентите, работниците и сите кои секојдневно комуницираат и соработуваат со земјите од Европската Унија.

Од партијата додаваат дека преку усогласување на домашното законодавство со европските директиви и регулативи во областа на електронските комуникации, Владата ја потврдува посветеноста на европската интеграција и спроведува мерки кои, како што велат, носат практични придобивки и придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.