Актуелно 31.05.2018 12:45

ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци ги повика сограѓаните на големиот антивладен протест: Една година СДСМ и Заев се една година беда и сиромаштија

ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци ги повика сограѓаните на големиот антивладен протест: Една година СДСМ и Заев се една година беда и сиромаштија

 

Една година СДСМ и Зоран Заев, се една година беда, сиромаштија и економска катастрофа за кавадарчани, изјави денеска претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци, Зоран Јованчев.

Според него, Република Македонија е во заложништво од криминалниот картел на власта.
-Демократијата го доживува својот колапс, владеењето на правото и правната држава се на колена, моралното е заменето со неморал, политичкиот реваншизам стана синоним на СДСМ, каде што криминалците се пуштаат на слобода а вистинските бранители и патриоти се затвараат. Сведоци сме на еден куп избркани и деградирани млади луѓе од работа чија животна егзистенција зависи од тие примања, рече Јованчев.

Како што посочи, СДСМ и Заев ги води преговорите за спорот за името егзибиционистички, и сведоци сме како секој ден се продаваат националните и државните интереси.

Вели дека јавноста беше сведок на убедувањето од власта оти убиството на 12. деца од село Ваташа не било извршено од Бугарскиот окупатор.

-Со еден збор сведоци сме на една колективна депресија и загушување од страна на Заев и СДСМ. Кавадарчани на сопствена кожа го почувствуваа покачувањето на акцизата на нафтата. Оваа погубна мерка на СДСМ директно удри по секое семејство, а најмногу по земјоделците, по транспортерите и автобуските превозници, потенцира Јованчев.

Споре днего, државата за една година е задолжена над 5 милијарди евра, пари кои ќе треба да ги враќаат идните генерации, а на сметка на тоа нема реализација на ниту една капитална инвестиција.
-Нема ништо од просечна плата од 500-тини евра, нема плата од 100.000 денари за докторите, нема покачување на пензиите на пензионерите, нема младинска гаранција за младите. Она што е најважно за Кавадарци кој што е земјоделски град, нема покачување на субвенциите на земјоделците. Единствено што оваа влада направи за земјоделците е лажење и злоупотреба на нивниот труд и мака, рече Јованчев.

Потенцира дека се што било ветено од страна на владата на СДСМ било лага.

-СДСМ и Зоран Заев се временска непогода за сите. Оваа „ЌЕ“ влада, од немање идеи и проекти, ги препиша проектите на ВМРО-ДПМНЕ како свои. Оваа „ЌЕ“ влада не работи за доброто на кавадарчани. Оваа „ЌЕ“ влада и Заев освен за луксузирање и задоволување на сопствените потреби, интереси и желби нема друг проект за подобрување на стандардот на граѓаните, вели Јованчев.

Според него, наместо работа, транспарентност и отчетност, СДСМ и Заев донесоа лаги, насилство, хаос и безредие.

-СДСМ не знае да работи за доброто на граѓаните. Затоа ве повикуваме сите заедно, без разлика на верско и политичко убедување рамо до рамо да излеземе на 2. јуни сабота во 20 часот пред Владата на Република Македонија, и гласно да му порачаме доста е. Доста е со понижување, лаги и манипулации. Доста е со продавањето на националните и државните интереси. Доста е со економската катастрофа, потенцира Јованчев.

Вели дека ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци организира превоз со тргнување во 17 часот, а тој ќе се тргнува од пред Управата за јавни приходи.