Актуелно 23.04.2018 10:28

ВМРО ДПМНЕ: Ребалансот на буџетот што го најавува Зоран Заев е доказ дека економијата е пред колапс

ВМРО ДПМНЕ: Ребалансот на буџетот што го најавува Зоран Заев е доказ дека економијата е пред колапс

ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека најголемиот буџет во историјата на Македонија што го предвиде владата на Заев е расипнички, неразвоен и скроен само за да ги задоволи политичките апетити на најнеспособниот економски кабинет.

Ребалансот на буџетот што го најавува Зоран Заев е доказ за тоа што го знае и чувствува секој во оваа земја, дека економијата е пред колапс. Зоран Заев може да се лаже себеси дека очекува раст и до 4%, за разлика од прогнозите на Светска банка и ММФ кои го намалија проекциите од 3,2% на 2,8%, но таквите лаги нема да им помогнат на граѓаните подобро да живеат. Таквите лаги ќе му помогнат само на Зоран Заев за да го прикрие дополнителното задолжување, исто како што направи и на крајот на минатата година, кога не го ревидираше растот од 1,6%, а годината ја завршивме со стагнација и раст на БДП од 0%, најмал во регионот и во Европа.

Ребалансот што го најавува Заев е доказ за катастрофалната реализација на капиталните инвестиции. Ребалансот е потврда дека неспособната влада нема капацитет да ги реализира предвидените капитални инвестиции, што можеше да се види и од податокот според кој за првите два месеци од годинава беа реализирани само 4%, а градежништвото во февруари падна за дополнителни 20% во однос на истиот месец од претходната година.

Во недостиг на сопствени идеи и проекти, добро е што СДСМ одлучува да ги продолжи комуналните проекти отпочнати од ВМРО-ДПМНЕ. Од реализација на проектите на ВМРО-ДПМНЕ полза ќе имаат сите граѓани.

Имено проектот за водоводи и канализации е започнат во времето на ВМРО-ДПМНЕ за што беа обезбедени 50 милиони евра од Европската инвестициска банка и дополнителни средства за кофинансирање од Буџетот, а 60% од проектот беше реализиран до 2017 година. Сите проекти кои сега продолжуваат се потпишани од претходните раководни лица и градоначалници.

Исто така, проекот Сончев Град и проектот за Волково беа започнати уште пред 4 години, а средствата од буџетот беа обезбедени во најголема мера за изградба на инфраструктурата.

Единствено што досега направи СДСМ е прекинување на проектот за подземен катастар, така што останува дилемата како ќе се оценува процентот на реализација на изградбата на канализациската инфраструктура.

Неработењето и неспособноста не се дарба, туку се мана. Тоа што останале вишок пари е показател дека не умеат да испорачаат тоа што го планирале и ветиле. Впрочем, Јавното претпријатие за државни патишта во 2018 година нема склучено ниту еден договор за реализација на проект поврзан со инфраструктурата на патиштата. СДСМ нема изградено ниту еден километар асфалт, ниту во минатото, ниту сега. Срамно е што цела година им беше потребна на Заев и Сугарески да организираат сечење лента на завршен автопат.