Најрасипничкиот и мегаломански буџет во историјата на Република Македонија предвидува повеќе пари за луксузни автомобили и мебел наместо за подобрување на квалитетот на воздухот. Високото ниво на загаденост на воздухот во последните неколку недели неколкукратно ги надминува границите на дозволеното. Скопје е меѓу најзагадените градови во светот, а Зоран Заев и Петре Шилегов не преземаат ништо, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачуваат дека власта која ветуваше решавање на проблемот со загадувањето на воздухот повеќе од 2 години нема преземено ниту една мерка во насока на подобрување на квалитетот на воздухот. Додаваат дека Шилегов наместо да работи за граѓаните организира стенд ап настапи за исмевање на сопствената неработа.
-Загадениот воздух веќе ги полни болниците, а најпогодени се малите деца, бремените жени, возрасните над 65 години и хронично болните. Високото ниво на канцерогените ПМ 10 предизвикува големи проблеми со кардиоваскуларните и респираторните органи. Зоран Заев и Петре Шилегов ги излажаа граѓаните. Ветуваа чист воздух веднаш, а поминаа две години и ништо не е преземено. Наместо повеќе пари за животната средина, власта со буџетот за 2019 година ќе потроши 7 милиони евра за луксузни автомобили и мебел. СДСМ потроши половина од нивниот мандат без да преземат било што во насока на подобрување на квалитетот на воздухот. Токму затоа СДСМ мора да си замине час поскоро, се потенцира во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.