Ветувањето на СДСМ за чист воздух е голема измама. Петре Шилегов е градоначалник повеќе од една година, а СДСМ скоро две години раководи со владата и нема суштински мерки против загадениот воздух. Додека граѓаните се гушат во загадениот воздух, владата на СДСМ не презема никакви мерки. Шилегов глуми градски шарлатан и игра игри, а заменик министерот за животна средина Јани Макрадули спие. Едноставно СДСМ мува не ги лази што граѓаните наместо чист воздух со месеци дишат отров, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од каде додаваат:
„Додека владата на СДСМ се луксузира и вработува партиски војници, секојдневно болниците низ државата се полнат со пациенти кои имаат респираторни заболувања. Граѓаните секој ден слушаат само бајати теми, а владата на СДСМ не презема конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.“
Од партијата велат дека мерните станици секој ден покажуваат опасно енормна загаденост на воздухот со ПМ10 честички, а мерки против загаденоста нема.
Поради тоа од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат конкретни мерки и тоа:
– Итно зголемување на мерните станици ширум Македонија,
– субвенции за набавка на електрични автомобили и печки на пелети,
– субвенционирање сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства,
– забрана за употреба на петрол и кокс
-Граѓаните мора да добијат бесплатен градски превоз додека трае загадувањето, а инспекциските служби, како на државно, така и на локално ниво, да работат на пронаоѓање на загадувачите во зимски услови 24 часа. Нема место и време за политиканство кога станува збор за здравјето на нашите граѓани. ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш, власта да ги прифати нашите предлог итни мерки за справување со енормното загадување на воздухот.
Граѓаните се директни жртви на неспособноста на власта. Директни жртви на црнилата кои надвиснаа над Република Македонија, се потенцира во соопштението.
За крај од партијата велат дека токму поради ова ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани да се приклучат во борбата против ова зло на криминалниот картел наречен СДСМ и Зоран Заев.
„Во недела нека ни се приклучат на протесниот марш во Велес со почеток во 13 часот како и наредната среда пред владата. Зората ќе изгрее и ќе ги однесе црнилата!“, се заклучува во утринското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.