СДСМ крајно неморално го злоупотреби процесот на вакцинација во контекст на референдумот. Крајно неетички се упатуваат закани и уцени кон граѓаните дека само доколку го поддржеле референдумот за бришење на македонскиот идентитет ќе добиеле поквалитетни вакцини. Ваквите постапки на Филипче, Заев и СДСМ се срамни и ја уриваат довербата во здравствениот систем, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во партиското соопштение утрово од опозициската партија велат дека здравството е во клиничка смрт, дека СДСМ и Филипче му ги гасат последните шанси за живот.
-Венко Филипче обидувајќи се да го оправда капитулантскиот договор за промена на името фрли сомнеж дека вакцините во Република Македонија не се по стандарди и се со послаб квалитет од тие во ЕУ. Илјадници родители се изреволтирани и чекаат одговори, дали вакцините во Република Македонија се со послаб квалитет од вакцините во ЕУ, како што алудираше Филипче. Со СДСМ на власт понижени се и здравствените работници. Заев ветуваше 15% покачување на платите на лекарите во првите шест месеци откако ќе ја преземе власт, за сега 13 месеци потоа да најавува дека покачувањето ќе биде само 5%. Ова е понижување за целата фела. Заев го потценува нивниот труд и придонес кој го даваат во општеството, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека неодговорноста на власта дополнително резултира и со голем број на човечки загуби.
-Секојдневно луѓе ги губат своите животи поради немарност на власта. Филипче и СДСМ наместо да понесат одговорност за починатото дете се правдаат и бегаат. Филипче и СДСМ ги интересираат само милионските тендери, тоа и го гледаме најубаво по преполните клиники со смет, каде нема кој да исчисти, па се создаваат цели депонии, само затоа што министерот е зафатен во делење тендери. Овој хаос мора да запре. СДСМ не знае како да го управува здравството. СДСМ мора да си замине, се вели во партиското соопштение.