Во македонската метропола граѓаните кои го користат јавниот градски превоз може да чекаат автобус и до 80 минути. Според постојниот возен ред, актуелен од 1 јануари 2017 година, најчестите автобуси се на седум минути, а автобус може да чекате и до 80 минути.
Граѓаните реагираат дека треба да има почесто автобуси бидејќи, кога е шпицот, тие се преполни и нема место за да влезат во автобусот.
Скопје, според статистички податоци, има 811 илјади жители, на што треба да се додадат и студентите и лицата кои работат во Скопје, имајќи предвид дека Скопје е образовен и индустриски центар.
Оваа бројка во македонската метропола Јавното сообраќајно претпријатие ја опслужува со 316 автобуси на 100 линии, од кои на 75 линии сообраќаат возила на ЈСП Скопје, а на 25 приватни превозници, а некои кобинирано со возила на ЈСП Скопје.
Од ЈСП Скопје, во согласност со условите со кои располагаат, сметаат дека генерално се задоволени потребите на граѓаните кои користат јавен превоз. Наспроти нив, граѓаните забележуваат дека треба автобусите да бидат почести, бидејќи има многу турканици и на одредени стојалишта нема место да се влезе во автобусот. Посебен проблем, според нив, се деновите во кои пензионерите имаат бесплатен превоз.
Извор: skopjeinfo.mk