Во рамки на петицијата што ја организираше еколошкото друштво „Еко-живот”, собрани се над 10.000 потписи против изградба на цинкара близу Кавадарци.
Претседателот на регионалниот еко центар, Роберто Паризов, вели за МИА дека се задоволни што само за неколку дена, кавадарчани во голем број се изјаснија против загадувачка индустрија.
-На терен работеа наши активисти, а имавме и поддршка од координаторот на невладиниот сектор Ненад Јовановиќ. Ние не сме против отворање нови производствени капацитети што би значело и отворање нови работни места, но сме против загадувачи зашто Кавадарци и онака е меѓу најзагадените градови во државата, нагласува Паризов.
Потребен е, додава, мораториум за тешка индустрија во градот и донесување локален еколошки акциски план.
Советот на градот денеска ќе одржи вонредна седница. Единствена точка на дневниот ред е разгледување на барањето од Министерството за животна средина и просторно планирање за изведување на проектот „Нови линии за проширување на асортиманот на производи и линии за нови производи во општина Кавадарци”, согласно интересот на кавадаречки инвеститор.
Поддршка на петицијата дадоа претставниците на двете најголеми политички партии во Советот преку одделни прес-конференции, а меѓу потпишаните на петицијата се и советници од Советот.
Кавадарчанецот Ивица Јованоски кој како активист се вклучи во акцијата за собирање потписи, вели дека му е мило што народот заеднички, упати јасна порака, каква одлука треба да донесат денеска советниците во градскиот Совет.