Актуелно,Живот 03.10.2018 15:24

Воспитување или менталитет? Младите бегаат од работата!

Воспитување или менталитет? Младите бегаат од работата!

Барам за да не најдам – буквално вака голем дел од младите се однесуваат во однос на работата. „За 200 евра не излегувам од дома“, „Не се исплатува за таа плата“. Ова се изјавите на голем дел од невработените кои немаат ни ден искуство не сфаќајќи дека од некаде мора да се почне.

Ова, во комбинација со недоволните квалификации е главната причина зошто компаниите тешко доаѓаат до квалификуван кадар и при стапка на невработеност од 21.1%.

„Платата што ја нудам не е голема, 15 илјади денари, но толку можам да си дозволам. Два месеца не можам да најдам продавачка, а и претходно оние што доаѓале останувале кратко“ објаснува сопственик на мини маркет во скопски Аеродром. „Не сфаќам како може младиве да не сакаат да работат“ додава тој.

На слични маки се и занаетчиите. Фризер кој има салон зад Универзална сала се жали дека не може да најде чирак.

„Им нудам занает, им нудам и 200 евра за трошоци а тие се мислат. Само годинава дојдоа двајца и по некоја недела се откажаа. Мислам дека денешниве млади се разгалени и мрзеливи“, вели тој.

Сепак, младите невработени имаат своја приказна – велат дека било потценување да се работи за малку пари.

„Да држам смена од 8, од 10 часа за 250 евра? Јас да работам а газдата да ужива? Нема шанси“, вели 26 годишна скопјанка која има завршено гимназија и досега подработувала по кафулиња и дискотеки, а сериозна работа и немала.

Најголем дел од оние со високо образование имаат уште повисоко мислење за себе.

„Завршив Правен со супер просек, бев речиси првенец на генерација. Сега нема да работам кај некој нотар или адвокат за ситни пари. Затоа се спремам за правосуден испит а за после ќе видиме“, вели 24 годишно момче.

Додека ваквите размислувања се нормални и прифатливи кај нас; во Европа, а особено во Америка младите но и нивните родители размислуваат сосема поинаку – работните навики се развиваат уште од мали нозе преку практиканство, скратено работно време, волонтирање.

Со 50.1% младинска невработеност, Македонија е на трето место во светот по невработени млади во листата што неодамна ја објави Светската банка, а која се повикува на процените на Меѓународната организација на трудот од минатата година.

Со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54.2% и Босна и Херцеговина со 67.5%.

Од регионот, пак, освен Босна најголема младинска невработеност има Грција (47.4%), Србија (33.7%), Хрватска (29.4%), Словенија (15.4%), Бугарија (15.0%).

Според дефиниција млади невработени се лицата од 15 до 24 години кои се подготвени да работат и кои презеле активности да најдат работа во последните четири недели.

Преку сајтот на Агенцијата за вработување (АВРМ) во просек секој ден има по 7 до 8 илјади активни огласи со слободни позиции.

Најмногу работници се бараат во преработувачката индустрија, трговијата и градежништвото, а најбарани занимања се продавач, работник во погон и општ работник.