Актуелно 19.12.2024 08:42

Втор ден од посетата на премиерот Мицкоски на Брисел

Втор ден од посетата на премиерот Мицкоски на Брисел

Премиерот Христијан Мицкоски, кој од вчера престојува во посета на Брисел, денеска ќе учествува на Самитот на Европската народна партија (ЕПП) на кој главни теми ќе бидат подготовките за денешниот Европскиот совет и проширувањето на ЕУ.

Домаќин на Самитот ќе биде претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, а на него покрај Мицкоски ќе учествуваат и другите лидери од партиите членки на Европската народна партија од ЕУ и од Западниот Балкан, како и претседателките на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола.

За време на престојот во Брисел, премиерот Мицкоски е придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.

Вчера, на првиот ден од престојот во Брисел, Мицкоски учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан, а имаше и билатерални средби со високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и со премиерите на Шпанија и Полска, Педро Санчез и Доналд Туск.

Премиерот Христијан Мицкоски објави дека во Брисел имал средба со еврокомесарката за надворешни работи, Каја Калас.

Премиерот Мицкоски вчера од Брисел порача дека целта на владината делегација е да ги брани македонските интереси и македонскиот идентитет и да испрати порака дека нашето место е во Европската Унија како нејзина рамноправна и полноправна членка.

– Денеска сме овде во Брисел да испратиме порака дека македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија и дека нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите, нагласи Мицкоски од престолнината на Европската Унија.

На средбата со Калас, како што изјави Мицкоски, разговарале за „сите оние стравови и за сето она што ние како држава и како народ моравме да го направиме во минатото во име на европските вредности“

– Никогаш повеќе не смееме, не само поради нас, туку и поради вредностите коишто ги споделуваме со Европската Унија, да разговараме за билатерални прашања, за идентитетски прашања, и никогаш повеќе никој нема право да го оспорува нашиот многувековен идентитет и нашиот мајчин македонски јазик којшто има многувековни корени, истакна Мицкоски.

Инаку, главни теми на Самитот ЕУ-Западен Балкан беа имплементацијата на Планот за раст на регионот, напорите за регионална интеграција, можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу Европската Унија и регионот, како и заедничките геополитички предизвици.

Во завршната „Бриселската декларација“ од Самитот се нагласува дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ и затоа учесниците на средбата уште еднаш ја потврдуваат својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на регионот во Унијата.

– Проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Од нашиот последен Самит има нова динамика во процесот на проширување и забележителен напредок. Забрзувањето на пристапниот процес, заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на индивидуални заслуги, е во наш заеднички интерес, се наведува документот.

Во него се посочува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

– Се уште се потребни решителни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на партнерите од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Договорот за прашањата за сукцесија, како и за случаите на исчезнати лица и прашањата за воените злосторства, се вели во „Бриселската декларација“.

Во текстот се додава дека европските лидери се посветени и на приближување на партнерите од Западниот Балкан кон ЕУ уште во текот на пристапниот процес, при што се нагласува и дека Планот за раст на регионот има потенцијал да го удвои неговиот економски раст во следната деценија и да ја забрза социо-економската конвергенција меѓу него и Европската Унија, под услов „партнерите да ги спроведат реформите поврзани со ЕУ“.

Во Декларацијата се посочува дека ЕУ ја поздравува решеноста на партнерите од Западниот Балкан да ги почитуваат основните европски вредности и принципи во согласност со меѓународното право и посветеноста на приматот на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото.

– Делиме заедничка иднина и се соочуваме со итни предизвици кои можеме да ги надминеме само заедно. На нашите граѓани им должиме да изградиме иднина на мир и просперитет, заснована на споделените принципи и вредности и заеднички интереси, се нагласува мешу другото во Бриселската декларација.